logo
logo
logo

Лефков

„Бугарија во СДСМ најде досега невиден ПАРТНЕР ЗА СОРАБОТКА КОЈ ГИ ПРИФАЌА НИВНИТЕ БАРАЊА“

Vecer | 13.08.2022

„Бугарија во СДСМ најде досега невиден ПАРТНЕР ЗА СОРАБОТКА КОЈ ГИ ПРИФАЌА НИВНИТЕ БАРАЊА“

Последните изјави кои доаѓаат од Софија ги демантираат манипулациите и лагите на Ковачевски и неговата влада. Катадневно пристигаат бугарски шамари за владата на Ковачевски, вели Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

- Имено т.н. Француски предлог што Ковачевски сакаше да го прикаже како големо достигнување на дипломатија всушност е голем дебакл за Македонија, а последна потврда за тоа е изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова која изјави дека Францускиот предлог е голем дипломатски успех за Бугарија и дека преку преговарачката рамка за Македонија се внесени бугарските позиции за што им се заблагодари на европските лидери за разбирањето, потенцираше тој на денешната прес конференција.

Тој додаде дека Јотова потврди дека дипломатијата предводена од Османи го преспала периодот, дозволила Бугарија да ги наметне своите ставови и да однесе целосна меѓународна победа. Затоа фаците на Ковачевски и на неговата екипа се скиселени, а во Бугарија ликуваат.

- Уште еден удар, односно демант на лагите на Ковачевски и неговата влада доаѓа од бугарскиот политичар Илхан Ќучук. Додека нашава влада лаже дека сме отпочнале преговори, Ќучук им порачува дека преговорите нема да почнат се дури не е исполнет еден услов, клучен за Бугарија, а тоа е внесување на Бугарите во македонскиот устав, рече Лефков.

Лефков изјави дека тоа е причината поради која граѓаните гласно се противеа на ваквата рамка, затоа што за Македонија се прават лоши преседани, се наметнуваат услови надвор од Копенхашките критериуми и се наметнуваат бугарски диктати кои бесконечно ќе ги одолговлекуваат преговорите.

- Ваквата катастрофална позиција Ковачевски и неговата Влада ја прифати за да има фото сесија и да може да зборува за некаков имагинарен почеток на преговори. Од истиот бугарски политичар Ќучук, кој патем е и известувач за Македонија пред една недела дојде уште еден шамар за владата на Ковачевски, истакна тој.

Посочи дека  Ќучук ја демантираше владата која упорно тврди дека историските теми не се дел од преговарачката рамка. Бугарскиот политичар јасно им порача дека историјата не само што не е турната под килим, туку е дел од преговарачката рамка за Македонија, односно она кое што ВМРО-ДПМНЕ и експертите го говореа дека Комисијата ќе биде алатката на Бугарија преку која ќе се доведе Македонија или да добива ново и ново вето или да прифаќа асимилаторски диктати.

- Конечно, само пред неколку дена дојде уште еден шамар и демант за владата на Ковачевски. Измеќарите од владата тврдеа дека со Протоколот се завршува потпишувањето на срамни и понижувачки обврски за Македонија, но според службениот МНР на Бугарија, Милков во Софија се работи на нов писмен документ со јасни обврски и задачи за Македонија, нагласи Лефков.

Истакна дека очигледно како што говори и самиот Милков во СДСМ нашле досега невиден партнер за соработка, а тоа во превод значи досега не нашле вакви бескичмењаци што се подготвени сите бугарски барања да ги прифатат за некој ден повеќе на власт и некој тендер повеќе во џеб.

- Ова мора да престане. СДСМ и Ковачевски треба да се охрабрат и да прифатат соочување со народот. Народот треба да има право да каже што мисли за нивните погубни и предавнички политики. СДСМ бегаат на секој начин од своите граѓани. Може да бегаат но не може да побегнат. Казната ќе ги стаса, потенцира Лефков.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk