logo
logo
logo

Бугар Османи е функционерот од МНР кој директно наредил да го сменат учебикот по историја?

Vecer | 22.10.2021

Бугар Османи е функционерот од МНР кој директно наредил да го сменат учебикот по историја?

Членот на Комисијата за историски и за образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија, Ванчо Ѓорѓиев, денеска си поднесе оставка, оти, како што изјави за Канал 5, македонското Министерство за надворешни работи (МНР) вршело силен политички притисок и дека без негова согласност е прифатена промена на учебникот по историја во делот за цар Самоил.

„Раководејќи се од професионалниот интегритет и личните принципи, ја известувам македонската јавност дека од денеска, 22.10.2021 година, ја напуштам работата во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија“, наведува Ѓорѓиев преку соопштение.

Тој ги наведува причините поради кои решил да си поднесе оставка.

“БЕЗ МОЈА СОГЛАСНОСТ ГО МЕНУВААТ УЧЕБНИКОТ ПО ИСТОРИЈА“ Ванчо Ѓорѓиев си поднесе оставка од македонско-бугарската комисија

„Во последно време имаше отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата што кулминираше во текот на првиот работен ден (21.10.2021 година) на XV редовна средба преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР. При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања, при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година. Нагласувам дека изготвените и разменети предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, се без моја согласност. Демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од Комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29.07.2021 година од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси. Ги охрабрувам членовите на Комисијата кои повремено споделувале со мене слични ставови и вредности, да не ја виткаат кичмата“, наведува Ѓорѓиев во соопштението.

ОСМАНИ КОНТРА ЃОРЃИЕВ Министерството не вршело притисок врз членовите на заедничката комисија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, негираше дека тој или било кој друг од министерството што го предводи вршел притисок врз работата на членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Република Бугарија.

Реакцијата на Османи дојде по оставката на Ванчо Ѓорѓиев, член на комисијата, кој образложи дека МНР вршело силен политички притисок и дека без негова согласност е прифатена промена на учебникот по историја во делот за цар Самоил.

– Министерството за надворешни работи никогаш не правело притисок по однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Република Бугарија. Вчера се одржа првиот ден од средбата. Се надевам дека денеска ќе има прогрес, членовите на Комисијата имаат прво и да се повлечат или да останат, и порано имаше неколку членови коишто се повлекоа заради различни причини, меѓутоа овој процес продолжува и ги охрабрувам членовите на комисијата да се обидат да најдат решение за да се оди напред во договарањето изјави Османи.

Тој додаде дека Министерството ќе учествува во обезбедувањето на формата и давањето на логистичката поддршка на работата на Комисијата.

– Се надевам дека денеска ќе има прогрес, членовите на Комисијата се разбира имаат прво и да се повлечат или да останат, и порано имаше неколку членови коишто се повлекоа заради различни причини, меѓутоа овој процес продолжува. Јас ги охрабрувам членовите на Комисијата да се обидат да најдат решение за да се оди напред во договарањето и на заедничките текстови за заедничко одбележување, меѓутоа и за препораките за учебниците. Колку што знам, вчера тема била Самоил чиј текст веќе е договорен од пред една година, меѓутоа прашањето било како тој текст и дали треба тој текст да се препорача како насока за учебниците. Така што се разговараше за прашање кое што веќе е апсолвирано уште минатата година. По однос на заедничкиот наратив немаше ништо ново како тема, за да може да има потреба од каков било политички притисок или, пак, за да има причина за политизирање на Комисијата во рамки на сегашниот предизборен контекст – рече Османи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk