Во Македонија доминантен е британскиот сој на коронавирус и другите не можат да го надвладеат, тврди министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска потврди и дека  кај возач на камион од Делчево бил детектиран јужноафриканскиот сој на коронавирусот.

Според Филипче оваа или нигериската мутација, откриена кај македонски офицер, во моментов не би можеле да го надвладеат британскиот сој кој доминира во земјава.

Во однос на вакцинацијата Филипче рече дека  процесот на вакцинација се одвива добро, како во регионалните центри, така и на сите пунктови за имунизација во земјава.

Тој информира дека досега се вакцинирни околу 150 граѓани, а околу 30 илјади се и ревакцинирани.

Филипче рече дека денеска се очекува да пристигнат близу 40 илјади дози на вакцината Астразенека, од која количина ќе се одвојат 24 илјади дози за ревакцинација, но и ќе се испланира да бидат вакцинирани уште околу 8 илјади лица на возраст од над 70 години кои дополнително се пријавиле за вакцинација.

Министерот потврди дека засега нема промена на ставот Астразенека да не се аплицира кај лица на возраст под 60 години.

„Со досега вакцинираните лица кои се повозрасни од 70 години и дополнително пријавените, сметаме дека ќе дојдеме до бројка од 42 отсто вакцинирани лица од оваа возрасна група, што е многу добар резултат за имунизација на ризичната категорија граѓани“, изјави Филипче

Во текот на утрешниот ден, како што рече, ќе пристигнат уште 100 илјади дози на вакцината на Синофарм, како донација од кинеската армија.

На прашањето дали како што тој имаше најавено, до утре сите пријавени ќе добијат термин, министерот одговори дека до утре или до понеделник би требало да се испратат известувањата за термин, но и остави резерва помладите од 40 години сепак да причекаат малку за термин, бидејќи во меѓувреме има пораст на пријавени постари од 40, 60 и 70 годишна возраст

Kaко се случи и помлади од 40 години да бидат вакцинирани во некои општини, кога правило беше да се вакцинираат повозрасните, министерот рече дека имало такви случаи затоа што веќе се вакцинирале сите постари граѓани од нивната општина или од пријавените на тој пункт за вакцинација”.

На прашањето дали се размислува за ослободување од обврската за носење на маски на лицата што примиле две дози на вакцина, Филипче рече дека лично смета дека засега е прерано за таква одлука, имајќи предвид дека сѐ уште има фолеми групирања на луѓе на одделни места, а дека е рано особено за затворен простор.

Во однос на барањата на угостителите за дополнително олеснување на мерките, Филипче рече дека имаат логика нивните барања имајќи предвид дека е намален бројот на нови инфекции. Но, рече, мерките треба да останат барем уште една недела, а потоа ќе ги разгледаме другите можности.