Еврејската верска заедница и Фондот на холокасутот на Евреите од Македонија реагираат на изјавата на премиерот Зоран Заев за бришење на терминот бугарски од формулацијата „бугарски фашистички окупатор“, тие велат дека бришењето на терминот за етничка припадност значи искривување на историската вистина.

– Оваа наша реакција се базира врз следните факти:

  1. Денешна Република Северна Македонија за време на Втората светска војна била поделена на две окупациони зони, Западна Македонија окупирана од Италија, а Централна и Источна од Царска Бугарија. Евреите живееле во делот окупиран од страна на Царска Бугарија.
  2. Евреите од Македонија биле депортирани од страна на бугарскиот окупатор, а не од италијанскиот окупатор, велат тие.

Понатаму истакнуваат дека за да не дојде до погрешно учење на историјата потребно е дообјаснување кое ќе ги задоволи сите засегнати страни кои се погодени со историските случувања.

–  Тоа значи наместо бришење на „бугарски“ да се додадат термините „тогашен“ и „власт“ и секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор, би се именувале како „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“. Денешна модерна и демократска Бугарија, треба да го апсолвира фактот со своето минато дека била дел од Оската и директно учествувала во холокаустот на Евреите. За да ги изземе сегашните генерации и да ги ослободи од товарот на минатото, потребно е јавно да се извини за постапките на Царска Бугарија, за окупацијата и депиортацијата на Евреите од денешна Северна Македонија, стои во реакцијата.

Додаваат дека ова нивно барање се провлекува години наназад и наместо да биде финализирано, се повеќе се продлабочува.

– Се надеваме дека нема да дојде време кога ќе се побара од нас Евреите, кои со векови живееме на овие простори да ја избришеме колективната меморија за постапките на „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“, потенцираат од Еврејската верска заедница и Фондот на холокасутот на Евреите од Македонија