БРАВО МОМЦИ! Македонија во голем стил ја среди Јапонија

Репрезентацијата на Македонија го отвори Светското првенство во Германија и во Данска со победа од 38:29 над Јапонија и на тој начин на најдобар можен начин влезе во новата Мундијалска авантура. Рпрезентативците на Македонија не ја прикажаа најдобрата игра, но имаа целосна контрола па овој триумф ќе го даде дополнителниот елан во трката по што е можно подобар пласман.

После неизвесниот почеток, Македонија веќе во 10. минута од средбата успеа да наметне силно темпо и брзо да дојде до предност, а веќе на средина на првиот дел разликата беше пет гола и оваа предност беше значајна бидејќи се чуваше до крајот на првото полувреме. Имаше падови, но секогаш се наоѓаше некој доволно расположен за да го најде патот до голот на противникот и на тој начин да се дојде до предност која гарантира мирно продолжение.

Во првите 30 минути, Ристовски имаше двоцифрен број на одбрани, но Македонија прими 13 гола бидејќи брзите Јапонци знаеја на моменти лесно да дојдат до погодок. На одмор се замина со 18:13, а овие пет гола набрзина беа стопени на почетокот на второто полувреме кога Јапонија влезе нешто подобро. Сепак, малата криза беше надмината и водството коешто гарантираше сигурно продолжение на средбата одново беше вратенот, па предноста постојано се движеше околу пет гола.

Неколкуте обиди да се дојде и до плус седум до 50. минута, но затоа на почетокот на последните десет минути успеа и тоа да се оствари. Конечно во 53. минута Македонија стигна до гол за плус седум и водство од 33:26. Минута подоцна беше стигнато и до 34:26 и тука веќе беше јасно кој победува на овој дуел.

Ова отвори простор за лесни голови во завршницата. Доаѓаа погодоци од сите страни така што сите кои се најдоа на терен на овој прв натпревар покажаа дека се разиграни и подготвени да го покажат најдоброто на овој шампионат. Секако ова може да го радува селекторот Раул Гоналес, а веќе в недела сигурно ќе има простор за да има даде шанса и на дебитантите во репрезентацијата.

Денеска одличен меч имаше Борко Ристовски, кој запре голем број на удари на противникот. Покрај тоа одлични беа и пивотите Стоилов (МВП на средбата) и Пешевски, но во ваква победа секако мора пофалби да одат на адреса и на другите бидејќи сите го дадоа максимумот, а оставија простор и за уште подобра игра на следните натпревари.

Инаку, на овој натпревар, Раул Гонзалес имаше простор уште еднаш да ги проба тактичките варијанти и да види каде недостига уште работа, па утре ќе може да поправа пред дуелот со Бахреин в недела од 14 часот.

Извор: 24rakomet.mk

Поврзани

Најнови вести

Коментари