ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЦРВЕНКОВСКИ ПОМИЛУВА ПОРАНЕШЕН ПРАТЕНИК И ПОЛИТИЧКИ ПРОТИВНИК

Бранко му го прости "голот со пета" на Амди Бајрам


Со Одлука за помилување на осудени лица од 6 јули оваа година, Црвенковски за 6 месеци му го намалува неиздржаниот дел од казната на Бајрам. Тој се наоѓа во затвор повеќе од две ипол години. Со помилувањето, тој ќе излезе од Идризово за 10 месеци

Претседателот Бранко Црвенковски делумно го помилува поранешниот пратеник Амди Бајрам, кој во затворот Идризово издржува 4-годишна казна затвор поради кражба на платно од штипска "Македонка".
Со Одлука за помилување на осудени лица од 6 јули оваа година, објавена вчера во Службен весник, Црвенковски за 6 месеци му го намалува неиздржаниот дел од казната на Бајрам. Тој се наоѓа во затвор веќе над две ипол години. Така, тој наместо на крајот од идната година, од Идризово ќе замине за 10 месеци.

- Претседателот оваа своја активност ја врши принципиелно и без било каква селекција. Нема привилегирани и нема дискриминирани. Сите неопходни предуслови се запазени и целата процедура е спроведена според закон. Одлуката е донесена откако до Претседателот е доставен усогласен предлог од страна на Министерството за Правда и Комисијата за помилување на Претседателот - објаснуваат од Кабинетот на претседателот.

Дали со овој потег Црвенковски му го прости на Бајрам "голот со пета" што го прими во декември 2000 година? Тогаш, владата на Љупчо Георгиевски беше на стаклени нозе и опстана токму со гласот на Бајрам. По превирањата во тогашната коалиција, Демократската алтернатива на Тупурковски ја напушти власта, па Црвенковски, кој во тоа време беше лидер на опозицијата, побара да се гласа за недоверба на владата. Во новото парламентарно мнозинство што го собираше, го планираше и Амди Бајрам. Но тој, како што кажа подоцна, "секогаш е со власта", па наместо за недоверба, гласаше "за" владата на Георгиевски. Со тоа како што рече тогаш, и даде "гол со пета" на опозицијата.

Црвенковски тоа не го заборави. Веднаш по преземањето на власта во 2004 година, Бајрам беше обвинет за злоупотреба на службената должност и овластување, односно за учество во кражба на платно вредно 750 илјади евра од штипската текстилна фабрика Македонка. Првично беше осуден на 7 години затвор, но во повторената постапка казната му беше намалена на 4 години. Додека траеја судењата беше во притвор во штипскиот затвор.

Во 2005 година, додека чекаше пресудата да стане правосилна, тој се кандидираше за градоначалник на Шуто Оризари. Победи, но беше градоначалник само еден ден. Беше приведен на 20 април 2005 година со потерница затоа што не сакаше да ја издржува казната со оправдување дека има градоначалнички имунитет. Потоа, Бајрам побара помилување од Црвенковски, кој во меѓувреме стана претседател, но тој се до вчера му го памтеше "голот со пета".
Во "Идризово", Амди Бајрам го опишуваат како примерен осуденик, секогаш уредно облечен, избричен и дотеран. За него се ангажирани неколку Роми, кои му помагаат во секојдневните обврски, и една медицинска сестра, која се грижи за неговото здравје. Бајрам се наоѓа во отвореното одделение во Идризово, па затоа често може да се види по скопските улици и кафулиња.

Црвенковски ги помилува "сите двајца" функционери
Освен Амди Бајрам, само уште Љупчо Поповски е поранешен пратеник што издржува затворска казна. Претседателот одлучи делумно да ги помилува и двајцата.

Поранешниот државен секретар Поповски беше осуден на затворска казна од 2,5 години за земање поткуп од 45.000 евра. Со помилувањето на Црвенковски, од пред два месеци, тој ќе одлежи казна затвор од 1,3 години, односно до октомври годинава.

Кој предлага помилување?
Речиси сите членови на Комисијата за помилување на Претседателот се припадници на СДСМ или лица блиски до партијата.
Меѓу другите, во неа членуваат и меѓународниот секретар на СДСМ Каролина Ристова, поранешниот член на Републичкиот судски совет Абдулселам Канзовски, кој Црвенковски го предложи за член и во судски совет, како и поранешниот народен правобранител и сегашен уставен судија Бранко Наумовски. Претседател на комисијата за помилување е Томислав Чокревски, поранешен министер за внатрешни работи во Владата на СДСМ.

Гоце МИХАЈЛОСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари