Самата промена на името е изигрување на најбитната карта, односно џокерот, фрлена на празна маса, без да се договори влез во Европската унија. Тоа треба да предизвика консеквенции и најмалку итна оставка од двајца луѓе во Владата, а тоа се премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Никола Димитров, како носители на Преспанскиот договор, изјави првиот човек на движењето „Македонски концепт“, Петар Богојески во своето гостување во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

– Најголемата грешка на сите нас Македонците ќе биде ако влеземе во грчко сценарио на бугарското прашање. Бугарскиот проблем е трипати потежок од грчкиот. Тоа значи дека ако грчкиот проблем сме го решавале 30 години, за бугарскиот ќе потрошиме 90 години. За да не ни се случи тоа, мораме да дејствуваме сега, додека е „жешко железото“, смета Богојески.

Според него, премиерот Заев треба веднаш да си даде оставка и да се формира нова, експретска Влада.

– Премиерот Заев уште вечерва треба да си даде оставка. Тука голема улога можат да изиграат малите партии, затоа цело време инсистираме на една изборна единица, за да има коректори на власта. Мислам дека оваа владина коалиција ја оддржуваа, покрај ДУИ, и неколку мали партии со десетина пратеници. Ако е ДУИ искрена во евроинтеграциите на Македонија, уште вечерва може да предизвика смена на премиерот Заев и формирање на една експертска Влада која ќе биде пандан на онаа техничка Влада во Бугарија. Експертска Влада која ќе биде растеретена од политичкиот багаж за решавање со проблемот со Бугарија, вели Богојески.

Неговиот соговорник Зоран Димитровски, генерален секретар на Демократски сојуз, смета дека без оглед како и да се интерпретира тој т.н. „успех“ на Бугарија во ЕУ, сметам дека е во проблематична позиција во контекст на ЕУ и САД коишто влијаат во регионот.

– Прво, воопшто не нѐ изненадува тоа што ни се случува затоа што веќе малку отапевме на сите пораки што ги добиваме од Брисел дека не можат да направат ништо затоа што еден билатерален проблем Бугарија успева да го наметне со самиот факт дека во Европската унија сѐ се одлучува со консензус, Бугарија успева да го наметне на другите земји-членки. Еве денес претседателот Радев кажа дека ние успеавме во намерите да ги убедиме да не биде на дневен ред тоа прашање. Со други зборови, дека тие го истрпеле притисокот да не одлучат да им се даде на Македонија и Албанија почеток за преговори за членство во ЕУ. Како и да се интерпретира тој „успех“ на Бугарија во Европската унија, јас сметам дека, сепак, Бугарија е во проблематична позиција во контекст на ЕУ и САД коишто влијаат во регионот, вели Димитровски.