Годинава ќе се реконструира патот од Ресен до Охрид преку Галичица што ќе придонесе за развој на туризмот во овој регион, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при денешната посета на општина Ресен.

„Во исто време, ЈП за државни патишта проектира и обиколница околу Ресен со која ќе се растовари сообраќајот од тешки товарни возила кои минуваат низ градот“, додаде тој.

На средбата со градоначалникот Живко Гошаревски, министерот Бочварски ја изрази поддршката од централната власт кон општина Ресен и Преспанскиот Регион заради економски и туристички развој.

„Уште еден значаен проект е гасификацијата. Оваа година завршува изградбата на магистралниот гасовод до Битола и потоа веднаш почнуваме со проектирање на крак од Битола до Охрид со што жителите на општина Ресен ќе може да се врзат на овој крак од гасоводот“, истакна Бочварски, нагласувајќи дека во завршна фаза е и реконструкција на водоводната мрежа во централното градско подрачје.

makfax.com.mk