logo
logo
logo

Бизнисмен тврди дека на Боки 13 му дал 350.000 евра - НА РАКА!

Vecer | 15.04.2021

Бизнисмен тврди дека на Боки 13 му дал 350.000 евра - НА РАКА!

Денеска продолжи судењето за случајот Меѓународен сојуз, а менаџерот на компанијата Дрим билдинг Ресул Лога изјави дека на Боки 13 му исплатиле 350 илјади евра како услов да бидат дел од проектот за изградба на старечки дом.

- За проектот за изградба на домови за стари лица требаше да платиме 350 илјади евра во готово и 16,1 милион денари на фактура, кажа бизнисменот Ресул Лога, сведочејќи на судењето за невладината организација „Меѓународен сојуз”, каде заедно со основачот Бојан Јовановски, обвинети се уште четири лица.

Сведокот Ресул Лога, кој бил менаџер на поранешната компанија „Дрим билдинг”, рече дека соработката со „Меѓународен сојуз” била преку неговиот партнер Адријан Амзовски.

– Проектот беше за меѓународни домови за стари лица. Од разговорите ни беше  кажано дека треба ние да платиме за да го добиеме тој проект. Требаше 350 илјади евра во кеш и 16 милиони и 100 илјади денари на фактура на проект по авторски права на Јасна Мандиќ, рече сведокот Лога.

Прашан дали ги дале парите во готово, сведокот рече да.

– Парите во готово ги дадовме на господинот Бојан, во присуство на мојот партнер Адријан Амзовски и уште еден, мислам Александар се викаше, рече Лога.

Во проектот, сведокот рече дека се приклучил затоа што го разгледал и му изгледал како профитабилен.

– Откако одлучив да се приклучам на проектот присуствував на сите состаноци. На сите беше Бојан, а на некои беа и Јасна, Ременски и други од „Меѓународен сојуз“, рече сведокот Лога.

Домовите, посочи сведокот, беа предвидени да се градат на државно земјиште и тоа имаше обврска да го обезбеди „Меѓународен сојуз“.

-Имавме потполна доверба дека тој проект ќе се реализира и дека во градот ќе има еден европски комплекс за стари лица, рече сведокот Лога, појаснувајќи дека тоа се должело на разговорите и проектот, како и луѓето од влада Фросина Ременски и Александар Кирацовски, кои ги гледале.

Сведокот посочи дека по потпишувањето на договорот исплатиле 15 милиони денари и останеле уште милион и нешто, но по истекот на рокот од 180 дена од договорот тие побарале да им ги вратат средствата.

– Во тој рок требаше да ја обезбедат локацијата и дозволата за градба. Тоа не се испочитува од „Меѓународен сојуз“. Господин Бојан врати 155 илајди евра, рече Лога.

На прашање од одбраната, дали во договорот имало ставка дека за неисполнување на договорот од која било од страните требало да се исплатат пенали од 350 илјади евра, сведокот рече, да, како што стоело во договорот.

Сведокот, на прашање од одбраната, исто така, потврди дека за овој договор се води постапка пред Граѓанакиот суд.

Прашан од Бојан Јовановски, дека не можел да знае колку пари вратил на неговиот партнер Адријан Амзовски, сведокот Лога, рече дека за тоа му верува на својот партнер.

На денешното рочиште, следен треба да сведочи бизнисменот Адријан Амзовски.

Случајот го води судијката Софче Гаврилова Ефремовска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.

За случајот со невладината организација „Меѓународен сојуз“, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица,

обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk