Потпишана заедничка декларација за соработка меѓу Владата на германската сојузна покраина Северна Рајна -Вестфалија и Северна Македонија. Според соопштението од владините служби, македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи и министерот за сојузни и европски, како и за меѓународни прашања на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, Штефан Холтхоф-Фертнер, чинот на потпишувањето го  направиле по пат на видео врска меѓу Скопје и Дизелдорф, а на свечената церемонија присуствуваше и амбасадорката на Германија во Северна Македонија ,Анке Холштајн.

„Овој заеднички документ ќе овозможи поголема економска соработка со Северна Рајна-Вестфалија, што ќе се одвива преку формирање кластери меѓу претпријатија, универзитети и истражувачки установи, а можеме да очекуваме и зголемување на соработката на стопанските комори, остварување на бизнис релации што ќе претставува поголема можност и за германските инвеститори кои доаѓаат од регионот на Вестфалија, како и нивна соработка со нашите бизниси. Ова е сериозен потенцијал за нашата економија“, истакна Османи.

Нагласувајќи ја важноста на Заедничката декларација, Османи на церемонијата на потпишување, посочи:

„Северна Рајна-Вестфалија со нејзините речиси 18 милиони жители е најмногубројна сојузна покраина, која обезбедува и 22% од вкупниот домашен производ на Германија каде живее и работи значаен дел од нашата дијаспора во Германија. Оваа покраина, која претставува еден од најважните економски центри во рамките на ЕУ, е и седиште на бројни индустриски и бизнис капацитети, како што се на пример: Баер, Хенкел, Дојче Телеком, Метро, Тисен Круп и други кои делуваат како на европско, така и на глобално ниво“.

Главниот приоритет на декларацијата е поттикнување на соработката во областа на евро-интеграциите, што е од големо значење за сите наши реформски напори, стои во соопштението од кабинетот на министерот за надворешни работи.

.

makfax.com.mk