Состојбата со коронавирусот се смирува, а епидемилошката крива спласнува, децидни се надлежните. Сепак, повикуваат на поголема внимателност и во периодот што претстои.

До крајот на месецот се очекува да пристигне голема количина на вакцини од Кина, а според најавите, на сите наши граѓани кои сакаат да патуваат во Грција, ќе им биде потребен сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест.

Нашата држава, како што изјави вчера министерот за здравство, Венко Филипче, веќе има изготвено сертификат, по насоки на ЕУ, со посебен код кој ќе послужи на граѓаните да патуваат во Грција, откако тамошните власти ќе донесат и официјална одлука за тоа.

Според најавите што Филипче ги добил од грчкиот министер за туризам Теохарис, тоа се очекува да се случи на 14 мај. Освен сертификат за вакцинација, граѓаните кои не се вакцинирани ќе може да патуваат и со потврда за негативен ПЦР – тест што може да го направат во една од дваесетте лаборатории кои имаат дозвола од Министерството за здравство.

– Тоа што би требало да се бара при премин на границите се потврда или за примена вакцина за што ние имаме спремна потврда со соодветен код, кој ќе биде прифатен на сите гранични премини. Тој сертификат е подготвен и на почеток на следната недела веќе во понеделник ќе се издава ретроактивно на сите лица кои се ревакцинирани. Доколку граѓаните не се вакцинирани, вториот услов е негативен ПЦР тест, изјави вчера Филипче.

Инаку, уште не се знае дали со една доза на вакцината Астра Зенека ќе може да се патува во странство, но така функционира и таква одлука има кај Велика Британија.

– Таа тоа го дозволи поради две работи, прво за пократко време да бидат вакцинирани што поголем број граѓани, но во исто време потврдувајќи дека само една доза создава сосема доволна количина антитела и веќе 2-3 недели после вакцинацијата граѓаните се целосно заштитени, рече министерот.

Надлежните очекуваат да се смени динамиката во однос на вакцинирање во Скопје и во другите градови со пристигнување на големата количина на вакцини од Кина до крајот на месецов, како и дополнителните капацитети, односно спортските сали кои веќе се подготвуваат во шест градови во државата каде е најавено да се спроведе масовна имунизација.

Кинеската вакцини се очекува да пристигнат на 28 април, поточно станува збор за 200 000 дози. За процесот на вакцинација се подготвуваат спортските сали во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола каде ќе се работи на ист принцип како во салата Борис Трајковски.

Исто така, надлежните појаснуваат дека состојбата со вирусот се смирува, епидемиолошката крива спласнува, а тоа, како што појасни вчера Филипче, го гледаме по бројот на новодијагностицирани случаи, каде веќе повеќе денови по ред се намалуваат.

Филипче изрази увереност и дека спласнува притисокот врз болниците, иако не се целосно ослободени голем број на одделенија.

Инаку, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1 585, и има околу 400 празни болнички кревети во ковид центрите.

На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 924 пациенти, а во ковид-центрите во Скопје 661 лице.

Според извештајот на Министерството за здравство, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството соопшти дека има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Според последните податоци, во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 48 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, со што вкупно 661 лицe сомнителнo и потврденo за ковид-19 се лекува на инфективните оддели во главниот град.

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 603 случаи со ковид-19. Оздравени се 641 пациенти, а пријавени се вкупно 39 починати.

Досега во земјата се направени вкупно 700 728 тестирања на ковид-19.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 149 221. Бројката на оздравени пациенти е 126 234, а на починати е 4 595. Бројот на активни случаи изнесува 18 392.