ПЛАТИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМАТ ОД ДЕКЕМВРИ

Бериша најплатен премиер на Балканот, Груевски со двојно помала плата!

Платата на премиерот Никола Груевски изнесува нешто помалку од 1000 евра, македонскиот шеф на државата Ѓорѓе Иванов, пак, зема нешто повеќе од 1400 евра, а поголеми примања од претседателските, и тоа за повеќе од 300 евра, има претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски

Месечната плата на американскиот претседател Барак Обама изнесува 33.500 долари. Со 400.000 американски долари годишно и со сите дополнителни удопства кои има право да ги искористи, семејството Обама може да си заштеди добра сума на пари. Но, Обама не е најплатениот политичар во светот. Приматот го држи премиерот на Сингапур, Ли Сеин Лунг кој месечно заработува повеќе од 40 илјади евра.

Сепак, Обама може да се пофали дека заработува 6,5 пати повеќе од својот руски колега Владимир Путин чија плата изнесува 5000 евра. Поголема плата за 1500 од Путин зема и шпанскиот премиер Маријано Рахој чија сметка годишно тежи 78.000 евра.
Иако платите на државниците се кријат "како змија нозе" се зборува дека најниска плата земал сега веќе пензионираниот кубански претседател Фидел Кастро на чија сметка секој месец се уплаќале едвај 32 евра!? Спротивно на овој податок, името на Кастро котира многу високо на ранг-листите на најбогатите државници на светот.

Германската канцеларка Ангела Меркел, пак зема 16.000 евра месечна плата исто колку и ирскиот премиер Еда Кени чија годишна плата е рамно 200.000 евра.
Најплатен лидер во земјите од Балканот е албанскиот премиер Сали Бериша со месечна плата од 1.900 евра. Бериша зема неколку стотини евра помалку од неговиот бугарски колега Бојко Борисов кој самиот изјави дека месечните примања му се 1500 евра, а двојно повеќе од македонскиот премиер Никола Груевски, чија плата е нешто помалку од 1000 евра. Македонскиот шеф на државата Ѓорѓе Иванов, пак, зема нешто повеќе од 1400 евра, а овој надомест е одреден според основен бод и бодови за работно место и за изминат работен стаж. Тој има стаж од 27 години и како што информираат од неговиот кабинет неговата претходна, професорска плата била повисока од претседателската.
- Платата на претседателот се зголеми од јануари кога бодот од 23 скокна на 25. Претходно земаше 78.500 денари (1.200 евра), велат од кабинетот на Иванов.

Поголеми примања од претседателските и тоа за повеќе од 300 евра има и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Пратениците во Собранието пак добиваат по околу 1000 евра плата. Народните избраници не добиваат дополнителни додатоци за учество на седници и на комисии, освен оној за патни трошоци, кој го добиваат пратениците од внатрешноста.

Иако споредбено со функционерите од регионот, македонските се помалку платени, сепак и тие не се за жалење бидејќи ова се чисти примања без паушали, дневници и други додатоци. Нивните плати од декември ќе скокнат за педесетина евра, што им се дозволи со новиот Закон за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица кој уште на почетокот на годинава ја доби поддршката во Собранието.

(Е.А.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари