Критично на јужната граница (галерија)

Стотици бегалци влегоа во Македонија, АРМ ги запре кај селото Моин!

Над две илјади бегалци го напуштија кампот во Идомени и заминаа кон подножјето на планината Кожуф, каде што нема поставено заштитна ограда. Групата ја предводат наводно грчки активисти кои по неколку часа пешачење ги донесоа во атарот на селото МОин каде нема ограда. За среќа таму веќе беа поставени единиците на АРМ. 

Две и пол илјади бегалци се на неколку стотини метри од заштитната ограда во атарот на пограничното село Моин. Тие утрово го напуштија кампот во Идомени, пред очите на десетина грчки полицајци, и предводени од неколку грчки државјани кои се претставиле како активисти на невладини организации. Според она што може да се види на теренот тие ќе се обидат да влезат во Македонија или кај селото Моин или пак ќе продолжат кон подножјето на планината Кожуф, каде што не е поставена заштитна ограда.

Првата група, која околу 11 часот го напушти кампот, броела околу 400 луѓе, но набрзо нивната бројка значително пораснала. Тие со часови пешачат по граничната линија, а околу 14 часот минале мала река која е последната пречка пред граничната линија и заштитната ограда.

Според последните инфромации од терен, околу 15.15 часот оваа група илегално влегла на македонска територија и продолжила кон селото Моин каде биле пресретнати од припадниците на АРМ. Тие не дозволиле стотиците бегалци да се распрснат и да почнат да бегаат. Последните информации се дека тие сеуште се во атарот на селото и не е јасно дали и како ќе ги вратат назад во кампот во Идомени каде условите се катастрофални. 

Потегот на бегалците не беше очекуван и ги изненади нашите надлежни кои до затворањето на весникот немаа официјална изјава.

Ова се случува во моментот кога претседателот и врховен командант Иванов се наоѓа во посета на Египет, а тој е единствениот кој може да нареди ангажман на АРМ во одбрана на границата.

Утрово група од 26 бегалци од Авганистан успеале илегално да влезат во нашата држава, но при обидот да ја преминат реката Вардар три жени го загубија животот. Останатите бегалци биле извадени од реката, а четири биле хоспитализирани.

- Околу 5 часот откриена е групата којашто е спасена со помош на АРМ, екипи на Црвен крст, на МВР и екипа на територијалната противпожарна единица од Гевгелија. Извлечени се 23 лица од кои три веднаш се транспортирани во медицинскиот центар во Гевгелија. Двајца се со видливи знаци на хипотермија, едното лице е со скршеници, а едно е во придружба на тие три лица, изјави Зоран Лазаревски , раководител на регионален центар на ЦУК - Гевгелија.

Состојбата во кампот во Идомени е катастрофална и од час во час се влошува. Таму со денови па и недели се заглавени 14 илјади бегалци, главно од Сирија, а меѓу нив има илјадници деца. За нив нема доволно храна и вода, медицински и санитетски материјали, а поради обилните врнежи кои непрестајно траеја повеќе од 48 часа голем дел од шаторите се поплавени. Од УНХЦР предупредуваат дека многу лесно може да се појават заразни болести.

Балканскиот коридор и официјално престана да функционира минатата недела кога беше постигнат договор на средбата на лидерите на ЕУ со турскиот премиер Ахмет Давутоглу во Брисел, на која начелно беше договорено да запре протокот на бегалци, да се укинат сите илегални премини и тие единствено со валидни документи кои ги исполнуваат Шенген условите да патуваат кон Европа. (О.Ч.)


фото: Наќе БАТЕВ

Поврзани

Најнови вести

Коментари