Автобусот кој се преврте кај Лесковац е на струшка компанија, а синоќа тргнал од Битола

Македонскиот автобус што синоќа се преврте кај Лесковац, тргнал од Битола, пренесуваат српските медиуми, а според последните информации тој бил во сопственост на струшката компанија „Еуробус“.

Автобусот вчера во 19 часот тргнал од Битола и сообраќал на редовната линија за Виена.

Во тешката несреќа загинаа три лица, најверојатно две жени и еден маж, а повредени се вкупно 32 патници. Од нив, четири патници се со тешки повреди и префрлени се во Клиничкиот центар во Ниш додека останатите се задржани во болницата во Лесковац.

Како што пренесува српската агенција „Бета“ во автобусот имало патници од Битола и други места во Македонија, а еден од повредените за агенцијата изјавил дека не се сеќава на несреќата, бидејќи речиси сите патници спиеле.

„Кога се разбудив, слушнав врескање. Видов луѓе со крвави глави и раце и слушнав дека некој рече оти има загинати. Не знам кој повика брза помош и полиција, но наскоро пристигнаа неколку амбулантни возила, а лекарите влегоа во автобусот и веднаш ни помогнаа. Пристигнаа пожарникари, мислам дека од Лесковац и сите заедно не изнесоа надвор од автобусот“, изјавил патникот од Битола за „Бета“.

Како што информираат српските медиуми, во Лесковац вчера врнело дожд, а од полноќ непрекинато почнал да паѓа сенг, па се претпоставува дека можна причина за несреќата е лизгавиот коловоз. Некои српски медиуми пренесоа дека можно е и возачот на автобусот да заспал зад воланот.

Возачот и совозачот не се повредени, но им било кажано дека не можат да даваат изјави за медиумите.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари