logo
logo
logo

Недоверба во владата на Заев, земјата се движи во погрешна насока

Анатомијата на изборниот пораз на СДСМ

Vecer | 25.10.2021

Анатомијата на изборниот пораз на СДСМ

За сопствени потреби, агенцијата М-Проспект, во периодот од 7 до 16 октомври 2021 година, спроведе телефонско истражување со цел испитување на јавното мислење на граѓаните во однос на локалните избори на 17 октомври 2021 година и на факторите на влијание врз изборот. Беа испитувани перцепциите за локалните избори, за политичката понуда, за гласањето на локалните избори и дали има промена во гласачките преференци, како и други фактори на влијание – насока на движење на државата, доверба во владата, надворешна политика (односот со Бугарија), како и одговорноста за пожарот во ковид-центарот во Тетово.

Анкетата беше спроведена на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, постари од 18 години, со маргина на грешка од +/- 3% со ниво на доверба од 95%. Опфатени беа сите осум статистички региони, притоа земајќи го предвид односот на рурални и урбани средини. Случајниот избор на испитаници обезбедува репрезентативност во однос на полот, возраста, етничката припадност, нивото на образование и работниот статус.

Истражувањето на јавното мислење, што го спроведе агенцијата М-Проспект, непосредно пред првиот изборен круг, ги открива вистинските причини за лошиот резултат на СДСМ.

Понудата за локалните избори

Граѓаните беа прашани дали ја следат кампањата за локалните избори, за политичката понуда, дали ќе гласаат на локалните избори и дали има промена во гласачките преференци. Двајца од тројца граѓани, или 65,5%, целосно и донекаде ја следат кампањата за локалните избори. Повисок интерес за кампањата (70,5%) има меѓу етничките Македонци, отколку кај етничките Албанци (53,7%). Со најголем интерес кампањата ја следат гласачите на СДСМ (79,1%).

Мало мнозинство или 52% се целосно или донекаде задоволни од политичката понуда (кандидати/програми) на локалните избори.

Во однос на веројатноста за гласање на локалните избори, 30,1% од испитаниците се сигурни дека ќе гласаат, а 35,8% веројатно ќе гласаат, или вкупно 65,9% рекле дека ќе гласаат на локалните избори.

Одѕивот на првиот круг на локалните избори на 17 октомври 2021 година изнесува 51,44% или 938.631 граѓани. Одѕивот се пресметува во однос на вкупниот избирачки список кој содржи и граѓани на Македонија, гласачи, кои не живеат во земјата. Доколку се земе предвид пописот од 2021 година, може да се претпостави дека бројот на гласачи кои се присутни во земјата изнесува околу 1.5 милиони гласачи и од тука реалниот одѕив е околу 62%. Граѓаните кои велат дека ќе излезат на изборите (65,9%), се во релација со граѓаните кои ја следат изборната кампања (65,5%). Помалку етнички Албанци (50,6%) се изјасниле дека ќе излезат на локалните избори. Тоа може да биде во сооднос со помалото задоволство од политичката понуда.

Земјата се движи во погрешна насока

Додека големо мнозинство од 78,2% од граѓаните не ги промениле гласачките преференци од минатите парламентарни избори во 2020 година, 18,8% сепак изјавуваат промена на гласачките преференци.

Водечка причина за промена на гласачките преференци е движењето на земјата во погрешна насока (69,7%), по што следат кандидатите и програмите (20,7%). Кампањата има влијание кај 3,2%, а анкетите за рејтинзи на 1,1%.

Висок процент од 46,5% од граѓаните сметаат дека односите со Бугарија се движат во погрешна насока.

Големо мнозинство од речиси 80% очекуваат морална одговорност за пожарот во Тетово во кој загинаа 14 лица.

Поделено по партии, гласачите на СДСМ и ДУИ одговорност очекуваат од директорот на болницата, додека поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЛДП одговорност ичекуваат од Владата и министерот Филипче.

Во однос на локалните избори, 52% од граѓаните се задоволни од политичка понуда на кандидати, а висок процент од 66% одговориле дека ќе гласаат.

Помеѓу двата круга од изборите, анкета утрово објави и Институтот за политички истражувања Скопје, која покажува 5% повисок рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ.

На прашањето „За која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори“ – 23 отсто од граѓаните рекле ВМРО-ДПМНЕ. Втора e СДСМ со 17,6 проценти. Потоа следуваат ДУИ со 6,7, Коалицијата АА и Алтернатива со 4,9, Левица со 4 проценти. БЕСА и Коалицијата ЛДП и ДОМ имаат речиси идентичен рејтинг со 1,6, односно 1,7 проценти.

На прашањето „Во кој политичар имате најголема доверба?“ за Мицкоски одговориле 19,3 отсто, за Заев 15,6 проценти. Али Ахмети има рејтинг од 7 отсто, а потоа следуваат Димитар Апасиев и Зијадин Села со 4,2 односно 4 проценти. За Билал Касами одговориле 1,5 отсто, додека за Африм Гаши 1,1 проценти од граѓаните.

Анкетата на ИПИС е спроведена телефонски во периодот од 19 до 22 октомври годинава на реперезентативен примерок од 1102 испитаници од целата држава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk