Силен алерген

Амброзијата непријател број еден кон крајот на август и во септември

Една од најкарактеристичните алергии е онаа на поленот на амброзија. Ова растение почнува да цвета на крајот на август и на почетокот на септември, а тогаш се зголемува бројот на лицата што се алергични и реагираат на поленот на оваа билка

Секој трети или четврти Македонец боледува од некој вид алергија. Алергии има многу видови, како и причинители, а тоа може да биде убод од оса, алергија на лекови, храна, инхалаторни алергени. Лекарите велат дека алергијата е модерно заболување од кое имаат проблеми и бебиња и највозрасни лица, но најголемиот процент, речиси над 60% од заболените, се млади лица.

Една од најкарактеристичните алергии е онаа на поленот на амброзија. Ова растение почнува да цвета на крајот на август и на почетокот на септември, а тогаш се зголемува бројот на лицата што се алергични и реагираат на поленот на оваа билка. Според статистичките анализи околу 10 проценти од светската популација покажува алергиски реакции токму на амброзијата. Како што објаснуваат лекарите, алергиските реакции на амброзија се многу непријатни и влијаат на квалитетот на животот.

Д-р Ангелко Ѓорчев од Клиниката за пулмологија и алергологија вели дека во земјава се поголем број граѓани имаат проблеми со алергија и тоа на полен и на домашна прашина. За да се заштитат, тие земаат превентивна терапија или симптоматска. Терапијата се препишува од страна на лекар-специјалист и таа зависи за каков вид на алергија е наменета.

- Реакциите можат да бидат на очите како конјуктивитис, на носот, алергиски ринитис, на белите дробови како астма или пак алергија на кожата, алергиски дерматит или алергија на стомакот - вели д-р Ѓорчев и појаснува дека пациентите треба да си водат календар кога кај нив почнува алергијата за навреме да ја земаат терапијата и тоа десетина дена пред тоа. Според д-р Ѓорчев, на овој начин се избегнува да се користи терапија преку целата година.

Различни симптоми
Симптомите за можна алергија од амброзија се различни. Најчесто има обилно слевање на секрет од носот, отежнато дишење кое може да биде присутно во текот на целата сезона, пецкање и солзење на очите. Многу често оваа алергиска форма е следена со отежнато дишење и болки во градите, како и суво кашлање кое може да предизвика опструктивен бронхит. Можно е да има и промена на бојата на кожата во вид на црвени печати кои предизвикуваат чешање, а можно е појава на проблеми со варење на храната, повраќање и дијареа. Најава за појава на ваков вид алергија може да биде и сувото грло.

Алерголозите укажуваат дека за пациентот е многу значајно навреме да се открие оваа алергија, за да можат тегобите да се олеснат и да се спречат и затоа се препорачува употреба на превентивни лекови како што се антихистаминици и локални кортикостероидни препарати. Нивното искуство покажало дека на алергиите обично реагираат лица што имаат осетлив имунолошки систем.

Тие велат дека истовремено треба да се намалат активностите на отворено на пациентите што се алергични на полен од дрвја. Затоа им препорачуваат поголема дисциплина, но и редовно примање на терапијата.

Се препорачува и често плакнење на лицето, миење на косата бидејќи во неа се собира големо количество полен кое се внесува во домот и постелата. Се препорачува и проветрување на домовите во раните утрински часови кога концентрациите на полен се пониски. Алергиите се лепат и на облеката, затоа алергичните лица треба почесто да ја менуваат гардеробата, но и постелнината.

Епицентар
Европскиот епицентрар на амброзија е концентриран во неколку држави тоа Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Унгарија. Токму затоа секоја година во август и септември од 15 до 25 проценти од граѓаните од континенталниот дел на Хрватска имаат проблеми со алергија и алергиски ринитис.

Амброзијата е едногодишна плевел-билка која расте во континенталните делови. Достигнува висина од половина до метар и половина, а нејзините листови имаат јајцеста форма. Цвета на крајот на летото - почетокот на есента и произведува големо количество на полен и затоа се смета дека овој полен во овој период е најмногу присутен во воздухот. Заради специфичниот хемиски состав влијае на дишните патишта.

Топлото време, влагата и ветерот дополнително придонесуваат за ширење на оваа билка. Таа расте во руралните средини, но и во урбаните таму каде што има напуштени реони.
-Најмногу концентрацијата на поленот на амброзија е во периодот од десет часот наутро до три часот попладне. Дождот и ниската утринска температура предизвикуваат да се шири поленот. Поленот од амброзија може да патува и до 50 километри и три километри во висина - објаснуваат лекарите.

Тие на пациентите им препорачуваат да не се сушат алишта на отворено во периодот од 10 до 18 часот оти тие го впиваат поленот кој во овој период има најголема концентрација во воздухот. Во истиот временски период се препорачува и во домовите да се затвораат прозорците, а доколку се има миленичиња тие да се чешлаат надвор за да не го внесуваат поленот во домовите.

Совети: Бакнувајте се за да нема алергии
Јапонските научници утврдиле многу интересни податоци за лицата кои се алергични и како тие треба да се справат со ова модерно заболување. Така, во истражувањето спроведено во болницата Сато е утврдено дека страсното бакнување може да им помогне на алергичните лица. Така бакнување од половина час помага против алергии од полен, бидејќи го намалува хистаминот кој е виновен за алергиите.

Валентина МАРЈАНОВИЌ

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари