logo
logo
logo

Албанските владејачки партии го поддржуваат „Отворен Балкан“, опозицијата - не

Vecer | 01.08.2021

Албанските владејачки партии го поддржуваат „Отворен Балкан“, опозицијата - не

Албанските партии во земјата имаат спротивставени ставови во однос на иницијативата на Северна Македонија, Албанија и Србија за регионалната соработка наречена „Отворен Балкан“. Владејачките албански партии ја поддржуваат иницијативата и се согласуваат со Владата во врска со ова прашање.

Тие оценуваат дека ваквите иницијативи за регионална соработка се позитивни и се во најдобар интерес на земјата.

Бујар Османи од ДУИ, прашан од Порталб.мк, за време на заедничката конференција со неговата колешка од Косово, рече дека позицијата на неговата партија не се разликува многу од државната и дека оваа иницијатива е обид да се додаде дополнителна вредност во рамки на регионалната соработка.

„Сега сум овде во функција на министер за надворешни работи, партиските позиции ќе ги дадам во партијата, но во секој случај не мислам дека тие се разликуваат од државните позиции, од позициите што ги имаме како партија во правец на тоа дека на регионот му е потребна подлабока соработка, има потреба од дефрагментација на пазарот.

Во регионот има над 70 иницијативи, секоја има свој придонес да биде додадена вредност за продлабочување на соработката. И последната иницијатива ја гледам како обид да се додаде дополнителна вредност во рамките на регионалната соработка, без обид да се неутрализира ефектот на другите регионални иницијативи.

За да се ослободи потребниот потенцијал во регионот, секоја регионална иницијатива мора да биде инклузивна или сеопфатна.

Тоа не значи дека не треба да се трудиме да ја анализираме секоја нова идеја и да се обидеме да биде сеопфатна.

За ова, мора да се направат бројни, длабински научни анализи, да се видат сите аспекти на секоја иницијатива со цел нашите земји да имаат што е можно повеќе информации за одлуките што ги донесуваат врз основа на овие научни параметри“, изјави Османи.

„Секое отворање нови перспективи без бирократски ограничувања ќе доведе до развој на нашата земја и целиот регион“, велат од партијата.

Од друга страна, албанската опозиција се изјасни против иницијативата.

Шефот на одделот за надворешна политика во оваа партија, Арбен Фетаху за Порталб.мк изјави дека секој проект за регионална интеграција треба да се заснова на Берлинскиот процес, кој ги вклучува шесте земји од регионот како еднакви. Сè друго, според него, е штетно за регионот.

„Како албанска опозиција, ние неколку пати јавно се изјаснивме за проектот Мини Шенген и тие ставови се познати во јавноста.

Во принцип, ние сме за продлабочување на регионалната соработка, но сметаме дека таквите проекти треба да се развијат во рамките на Берлинскиот процес како механизам потпомогнат од ЕУ, кој гарантира еднакво учество за шесте земји од Западен Балкан.

Значи, проблемот со Мини Шенген не е во идејата, туку во имплементацијата на проектот.

Проблемот со оваа иницијатива е што се одвива паралелно со Берлинскиот процес и не е координиран со шесте земји од Западен Балкан.

Затоа, тоа резултира со асиметрична интеграција со логика за исклучување бидејќи половина од земјите се надвор.

Во врска со учеството на Северна Македонија, ние цениме дека владата се фати во оро непланирано и да ги камуфлира последователните неуспеси со европската интеграција.

Загрижува молкот на албанските владејачки партии, особено на ДУИ, која ги води надворешните работи, наспроти овој проект што го исклучува Косово“, рече Фетаи.

Во меѓувреме, од Алтернатива рекоа дека европската интеграција не треба да се заменува со суб – интеграција. Тие, исто така, се изјаснија против регионалните иницијативи кои не го вклучуваат Косово.

„Прво, ние неколкупати рековме дека ниедна друга идеја, како што е балканскиот Мини Шенген или Отворен Балкан, не треба да биде замена за интеграцијата во Европската унија.

Ова е наш примарен интерес и не треба да ја заменуваме таквата интеграција со суб-интеграција.

Што се однесува до конкретната идеја, рано е да се суди со дефинитивни термини, иако не е добро што се градат регионални агенди исклучувајќи го Косово и не ни се допаѓа фактот што Албанија и Косово не се заедно во една агенда“, рекоа од оваа партија.

Инаку, во Скопје се одржа регионална конференција за иницијативата „Отворен Балкан“ која претходно беше наречена „Мини Шенген“, на која присуствуваа премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и српскиот претседател, Александар Вучиќ. Главните цели на иницијативата за регионална соработка се слободното движење на граѓаните, без запирање на граничните премини меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија, слободата на услугите преку признавање на професионалните квалификации, воспоставување на систем без дозволи за меѓу-компаниски трансфери, слобода на стоки и услуги.

Учесниците ги потпишаа првите меморандуми во рамки на оваа регионална иницијатива. Потпишаа договори за заштита и спасување од катастрофи на Западен Балкан, Меморандум за разбирање за соработка за слободен пристап во пазарот на трудот во ЗБ и Меморандум за разбирање и соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во ЗБ . Потсетуваме дека другите три земји од Западен Балкан, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, не се приклучија на оваа иницијатива.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk