logo
logo
logo

Ако има вакцини, ќе има и мало одложување на пописот!

Vecer | 26.03.2021

Ако има вакцини, ќе има и мало одложување на пописот!

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, денеска изјави дека проверка на попишувачите со ПЦР тестови е тешко да изведе, бидејќи треба секојдневно да се тестираат сите 6.000 попишувачи, да се чекаат резултатите, па потоа да се оди на терен, но што се однесува до вакцинирање на попишувачите тоа може да се направи и ако е потребно и би се согласиле да се одложи попишувањето на терен за краток период за да се спроведе нивната вакцинација.

Тој и денеска апелираше до граѓаните да не подлегнуваат на повиците за бојкот и неучество на пописот, бидејќи, како што рече, тие немаат за цел заштита на населението од пандемијата, туку целта им е да не се одржи оваа статистичка операција и државата наместо да оди напред да тоне во калта што е можно подлабоко.

„Ако има бојкот, ако е тој масовен бојкот, тогаш и понатаму ќе тонеме во калта и сѐ подлабоко и подлабоко. Единствената земја во светот сме што цели 20 години не спровела попис. Ако сакаме овој период да го продолжиме и понатаму и да тонеме подлабоко од оваа состојба во којашто сме сега, тогаш нека повелат сите и нека бојкотораат“, рече Симовски.

Тој повтори дека пописот ќе биде безбеден, бидејќи целосно и доследно ќе се почитуваат сите донесени протоколи.

„Ќе ги почитуваме донесените протоколи до точка и запирка. Никој од учесниците во пописот нема со ништо да придонесе епидемијата да се рашири. Знаеме дека се тешки состојбите и психолошки делува ова врз сите нас, и ние сме луѓе и го носиме со себе. Ве уверувам сите дека во тој дел треба да бидете безбедни. Еве се подобруваат и временските услови, секаде каде што може попишувањето ќе се одвива на отворен простор, а онаму каде нема можност, ќе ги запазиме сите потребни мерки согласно протоклите, но и повеќе од тоа“, рече Симовски.

Прашан за оние кои повикуваат на бојкот на пописот, Симовски рече дека нивна законска обврска е и ќе ги пријават сите лица кои повикуваат на бојкот.

„Законските мерки можат да ги преземаат само овластените институции за такво нешто. Ние не сме ни Обвинителство, не сме ни суд“, изјави Симовски, додавајќи дека повикувањето на бојкот е кривично дело, согласно одредени закони, ако има основа за тоа. Посочи дека нивната цел не е воопшто да се казнува, туку да се соберат податоци, информации од сите.

Одговарајќи на новинарски прашања на денешната конференција, тој изјави дека треба да се прашаат економските субјекти до каде може да тонеме без податоци од попис, како и сите заинтересирани инвеститори дали воопшто ќе размислуваат да инвестираат во оваа држава.

„Да, болеста зема голем замав, ама ако падне и економијата уште повеќе од ова што паѓа поради пандемијата, нема да можеме да се прехраниме. Инвестирањето во нашето опкружување и кај нас во голем дел се должи и на немање податоци од попис, како податоци за работна сила и слично“, рече Симовски.

Тој им се обрати директно на граѓаните со уверување дека пописот е акција која ќе треба да обезбеди податоци со кои ќе се креираат и спроведуваат политики за иднината на граѓаните, а не на политичките субјекти.

„Сега овој момент се обраќам за прв пат вака ќе настапам директно до Македонците во нашата држава. Почитувани ова е држава каде можете слободно да се изјасните како Македонци. Пописот е единствената операција која го прибира овој податок, не ја пропуштајте таа можност. Почитувани останати граѓани на државата припадници на делови од повеќе народи кои живеат во оваа земја Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите останати. Имате можност слободно и без притисок да се изјасните онака како мислите дека треба да се изјасните. Искоритете ја оваа можност“, рече Симовски.

Инаку, преку апликацијата за самопишување на дијаспората заклучно со 08 часот денеска се евидентирани 148.719 лица. Самопопишувањето на државјаните кои живеат во странство започна на 1 март и ќе трае до 21 април.

Пописот на населението во земјава почнува на 1 април и ќе се одвива до 21 април, согласно утврдените протоколи за заштита од ковид-19.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk