logo
logo
logo

На умните - доволно

Академик Коцарев: За реферндумот, владеењето...

Vecer | 03.04.2021

Академик Коцарев: За реферндумот, владеењето...

Денешниов текст зборува, како што навестува и насловот, за некои теми/сегменти од нашето живеење и нивната поврзаност со бројките. Ќе започнам, можеби на прв поглед чудно, но на крајот од текстот ќе стане јасно, со бројот π (се чита пи).

Бројот пи, однос меѓу обемот на кругот и неговиот дијаметар, е ирационален број, што значи дека не може да се изрази како обична дропка.

Со други зборови, броевите, по децималниот знак, во записот π = 3.14159…. означуваат (бесконечна низа од) броеви што никогаш не се повторуваат. Историски гледано, бројот пи им бил познат на античките цивилизации, вклучувајќи ги и Египќаните и Вавилонците, кои го пресметувале прилично точно, додека Архимед предложил алгоритам за негово пресметување со произволна точност.

Непосредна демократија

Познато е дека референдумот, најзначајната и најраспространета институција на непосредната демократија во светот, претставува облик на непосредно одлучување на граѓаните за одреден правен акт или прашање од јавен интерес. Меѓутоа, помалку е познато дека неговата примена се објаснува, барем делумно, со теоремата на Кондорсе (од 1785 година).

Ќе се обидам да бидам краток, прецизен, но и разбирлив. Да претпоставиме дека станува збор за референдум со бинарна алтернатива (да, не), дека еден од двата исхода на гласањето е исправен и дека секој избирач со веројатност p гласа за исправната одлука.

Теоремата тврди: Ако p е поголемо од 0,5 (p > 0,5) и ако бројот на гласачи расте, се стреми до бесконечност, тогаш веројатноста дека одлуката на мнозинството е исправна, се стреми кон 1. Со други зборови, во тој случај, одлуката на мнозинството е сигурно исправна. Од друга страна, ако p е помало од 0,5 (p < 0,5), тогаш додавањето повеќе гласачи ги влошува работите и одлуката на мнозинството е сигурно грешна.

Но би сакал да потенцирам дека, често, референдумот може да резултира во поделено општество. На пример, на референдумот за членство на Обединетото Кралство во ЕУ во 2016 година, 51,89 проценти гласаа за излегување од ЕУ и 48,11 проценти гласаа за останување во ЕУ.

Референдумот во Македонија во 2018 година

Во реалниот живот, меѓутоа, гласачите не можат лесно да определат која од двете одлуки, да или не, е исправна, особено зашто манипулациите со референдумските прашања се чести, па затоа тие формираат мислење користејќи информации што, повторно, може да бидат неточни, погрешни или дури манипулирани.

На пример, прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ (за кое пишувале и други) е непрецизно, двосмислено, неразбирливо, конфузно, измамничко, малициозно, наведувачко, нефер, нечесно и неморално. Уште повеќе, постојат трудови што нудат не само „научно објаснување на капциозноста и двосмисленоста на самото поставено референдумско прашање“, туку зборуваат и за „формално-правните и материјално-правните недостатоци во структурата и содржината на оваа мошне спорна собраниска одлука“.

Во однос на непосредната демократија, меѓутоа, постои друг проблем, исто толку суштествен како и манипулацијата на референдумското прашање. Имено, постојат такви референдумски прашања за кои, во моментот на гласање, па дури и повеќе години подоцна, тешко може да се определи кој од двата исхода, да или не, е исправен. Така, на пример, дали одлуката Обединетото Кралство да излезе од ЕУ е исправна или не, е прашање на коешто е многу тешко (или речиси невозможно) да се одговори, ако воопшто и треба да се одговори.

Во универзумот во којшто живееме не постојат (или нам не ни се познати дека постојат), како во квантна механика или во расказот на Борхес „Градината на патеките што се раздвојуваат“, паралелни светови (еден свет во кој се реализира одговорот „да“, и друг одговорот „не“).

Само тогаш, споредувајќи ги паралелните светови, би можеле, но не секогаш, да заклучиме за исправноста на изборот. Во расказот на Борхес, човек соочен со (две или повеќе) алтернативи, не избира една алтернатива на сметка на другите, туку ги избира истовремено сите патеки и сите можности.

Во Македонија, одзивот на референдумот во 2018 г. од 37 проценти покажа дека гласачите се двоумеа за исправноста на одговорот „да“. Но, денес, настаните во 2021 г. јасно навестуваат дека во однос на Македонија нема потреба од две патеки за да се заклучи за (не)исправноста на изборот.

Со други зборови, по Преспанската спогодба од јуни 2018 г. и референдумот од септември 2018 г., денес е сосема јасно дека патеката по која тргна Македонија може да заврши во бездна, да доведе до целосно разнебитување, разорување, распаѓање на државата Македонија.

Трансформација на владеењето

Македонија континуирано се соочува со уште еден клучен проблем. Секоја промената во владеењето, промената на властодршците, а тоа го покажува историјата на Македонија од независноста до денес, не значеше намалување, туку, напротив, зголемување на нивната ароганција, корупција, алчност, непотизам, аморфност, бескичменост.

Така, владеењето во Македонија, за жал, постепено премина, се трансформира, во облик на владеење што се карактеризира со: неспособност, беззаконие, неорганизираност, корупција, малверзација, злоупотреба, сервилност, дефетизам (во однос на нешто или некого) и безнадежност.

Со еден збор, дивеење.

Се плашам дека таквото однесување нема да се промени, напротив ќе се интензивира, зајакне и ќе биде присутно и кај идните властодршци. Оти, со мали исклучоци, целта на властодршците не е просперитет на Македонија, туку личен просперитет.

Стигнавме до дното на дното, апсолутна нула, која претходи на бројките 37 проценти и 59.240. Во математиката, тие се обични бројки, но, на пример, втората бројка, во 2021 г., треба да создаде ветер што ќе го придвижи бродот, за жал, во погрешна насока.

Двете бројки (но и другите бројки) со кои мавтаат властодршците не им даваат за право да ја разнебитат, разорат, распаднат Македонија, не им даваат за право, тие, со уште поголема жестина, да продолжат со дивеењето, користејќи ги парите на нашите (уште неродени) внуци и правнуци (коишто ќе треба да ги враќаат заемите). Затоа, заради нас и идните генерации, потребни се решенија за излез од кризата во која Македонија се наоѓа веќе подолго време.

Излез од кризата

За излез од кризата се потребни структурни промени, промени што ќе обезбедат:

(1) дивеењето повторно да се трансформира во демократско владеење,

(2) владеењето никогаш повеќе да не се трансформира во дивеење. За ова ќе пишувам подетално во следниот мој текст.

Тука, накратко, ќе спомнам само три домени во кои итно се потребни промени.

(1) Потребни се решенија за внатрешнопартиска демократизација, за регулирање на организирањето, дејствувањето и финансирањето на партиите. Партиите во Македонија често имаат крајно авторитативна внатрешна структура и хиерархија (т.н. „султански“ партии), па затоа тие не можат да промовираат демократија во општеството ниту кога се во опозиција, а уште помалку кога ќе дојдат на власт.

(2) Потребни се решенија за намалување на ингеренциите на извршната власт во подрачја што според Уставот се утврдени за автономните сфери на општеството (образование и наука, култура, здравство итн.). Во изминативе години сведоци сме на хиперинфлација на законски прописи и нивни чести измени, особено во образованието, науката и културата, донесени во скратена постапка и без поширока стручна и научна расправа.

(3) Потребни се решенија за отстранување на доминација на малцинството над мнозинството. Двете доминации, доминацијата на малцинството над мнозинството, но и доминацијата на мнозинството над малцинството, се штетни и треба да се спречат со различни механизми.

Решенијата за излез од кризата, во трите спомнати, но и во други домени, колку и да се болни и навидум неостварливи, се тука, повеќето од нас ги знаеме. За тоа треба консензус меѓу интелектуалците, професорите, граѓаните на Македонија, оти опструкции во справување со кризата и спречување на дивеењето на властодршците, по мое мислење, ќе прават токму (дел од) владејачките и партиските врхушки, но и (дел од) нивните гласноговорници.\

Како што навестив, ќе го завршам текстов со бројот пи. За бројот пи се напишани голем број научни трудови, но не само научни, затоа што бројот се среќава и во популарната култура.

Во романот „Контакт“, Карл Сеган (Carl Sagan) сугерира дека творецот на универзумот испишал порака длабоко во цифрите на бројот пи, укажувајќи на „интелигенцијата што му претходи на универзумот“. Пишувањето во „Контакт“, навестува, по мислење, дека, сепак, Сеган е повеќе агностик отколку деклариран атеист.

Тој не е само еден од најпознатите популаризатори на науката, туку се чини дека, барем во романот, копнее за помирување меѓу науката и религијата. Во тој дух, и јас со повеќето мои текстови и настапи, копнеам за помирување меѓу Македонците, за општествен и духовен мир, без дивеењата со кои се соочуваме и живееме катадневно веќе со години, за Македонија со повеќевековно минато и долгорочна просперитетна иднина.

(Нова Македонија)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk