Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Вевчани истакна дека народот денеска во Македонија живее во буквално голема апатија. Народот е тажен, народот е хаотичен, депримиран и најголем дел од граѓаните одлучуваат поради сето ова да ја напуштат Македонија и да заминат што подалеку. А, тоа предизвикува тага, гнев кај оние кои што се нивни блиски, кај нивните роднини.

„Ако направиме една анализа според тоа дали се чесни или честити политичари овие кои што велат дека биле најдоброто само погледнете ја скалата на „Транспаренси Интернешнл“ и ќе видите дека Македонија е најкорумпираната држава во Европа. А, овие политичари кои што денеска управуваат со министерствата, со институциите, се убедливо најкорумпираните политичари кои што изминативе 30 години се појавиле на политичката сцена во Македонија. Тие мислат дека периодот што е додека се тие на власт, додека управуваат со институциите ќе крадат, а потоа ќе дојдат избори и дел од украденото ќе ги поделат на народот и така ќе ја купат милоста и поддршката кај народот. Тоа е нивната филозофија која што доаѓа директно од нивниот челник, а тоа е Зоран Заев“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека ако се анализира состојбата со справување со КОВИД пандемијата, најголемиот предизвик во човештвото, тогаш се доаѓа до заклучок дека како Македонија, како Македонци, како граѓани во Македонија, без разлика дали се Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми, Египјани, Македонци ќе се види дека според бројот на луѓето кои што го загубиле својот живот ние сме на врвот. Односно министерството за здравство и тој кој што го предводи министерството, Венко Филипче се луѓето кои што се најнеспособни во справувањето со КОВИД пандемијата.

„Ајде да зборуваме и за образованието, кога зборуваме за образованието бидејќи тоа е некако моја тема бидејќи јас сум педагог, човек кој што предава на Универзитетот, некако најмногу сум поврзан со образованието, можам да кажам дека се наоѓаме буквално на дното во Европа. И се плашам за иднината на тие кои што нас треба да не наследат. За тоа што образованието во Македонија, а и тие луѓе кои што денеска го образуваат практично она што нас треба да не наследи се демотивирани, се луѓе кои што не поседуваат мотив за тоа што се слабо платени, квалитетот на образовните програми од година во година се експериментира, тие самите впрочем не се запознаени со тоа што го предаваат. Минатата година пред да почне учебната година ако се сеќавате тој софтвер скапо платен со милиони евра народни пари не проработе“, потсети Мицкоски.

Мицкоски рече дека Власта ветуваше од 5 до 7% раст на економијата, многу домашни и странски инвестиции, но освен фабрики за марихуана поврзани со фамилијата Заеви ништо граѓаните на Македонија не видоа.

„Иднината со СДСМ не е иднина, тоа е иднина на статус кво. Тоа е иднина во која што не се менува, се останува се како што е сега. Иднина во која што нема промени на подобро туку се ќе биде исто како и досега. Иднината со СДСМ е иднина без проекти, без конкретни чекори, со паушални постапки и импровизации. Иднина во која нивниот збор ќе вреди како и досега, а тоа е едно големо ништо, една голема нула. Иднина во која нивните ветувања буквално не значат ништо. Иднината со СДСМ е иднина без победи“, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски порача дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе повика на голема и масовна одговорност и тоа во првите 100 дена.

„Нам ни треба нова иднина. Тоа сте вие, тоа е народот, а Владата која што ќе ја предводи таа нова иднина ќе биде Владата на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека во програмите на ВМРО-ДПМНЕ се гарантираат повеќе од 14.835 проекти од различни области, се гарантира изградба и реконструкција на најмалку 2.000 улици низ Македонија, градба и реконструкција на 100 градинки и 150 училишта, инвестиции во животната средина, и градба на нови 150 паркови. Се гарантираат во програмите и инвестиции на 60 објекти во културата, 90 нови спортски сали, гасификација и уште многу конкретни дела.