Вака понатаму не може. Овој балон еден ден, порано или подоцна, ќе пукне, со сите катастрофални последици што од тоа ќе произлезат. На Македонија и е ургентно потребна една национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус и ќе биде задолжителна за спроведување за сите, без разлика кој ќе биде власт а кој опозиција, се додека клучните работи не бидат доведени во ред, изјави поранешниот претседател Бранко Црвенковски на конференцијата во МАНУ.

Според него потребна е платформа со која ќе се дефинираат начините и средствата за справување со корупцијата.

– Според мене, треба да се почне со елиминирање на коруптивното финансирање на партиите. Ако со помош на корупција се освојува или сочувува власта, немаме никакви шанси да ја победиме корупцијата во државата. Под итно ни е потребен еден строг ригорозен Закон за потекло на имотот кој ефикасно и неселективно ќе се применува за секого без исклучок. Платформа во која ќе се дефинира план и временската рамка за спроведување за рационализација на администрацијата и јавниот сектор во државата. Платформа во која ќе се дефинира политика и рокови за намалување на вкупниот надворешен долг на државата на подносливо ниво, порачува Црвенковски.

Земјава е држава која живее на кредити, вели Црвенковски, во 2001 година бруто надворешниот долг (значи вкупниот долг, и на државата и на приватниот сектор) изнесувал 1 милијарда и 494 милиони долари, во 2011 пораснал на 6 милијарди и 271 милион долари, а денес, вели, во 2021 година „тој изнесува фантастични 11 милијарди и 545 милиони долари, истакна на конференцијата во МАНУ поранешниот премиер и претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски.

-За 20 години, бруто надворешниот долг пораснал за повеќе од 10 милијарди долари. Па каде завршија тие пари и што е уште поважно, како ќе се враќаат тие пари? Дали овие кредити се искористија за пропорционален раст на бруто домашниот производ? Не! Дали завршија во развиена патна, железнича, енергетска инфраструктура? Сосема мал дел! Дали се искористија во подигање на квалитетот на јавното здравство, на образованието? Прашајте ги граѓаните и ќе ви одговорат дека состојбите на овој план се дури и полоши отколку пред 10 или 20 години. За жал, голем дел од овие средства завршија во апсолутно непродуктивни трошоци и проекти, рече Црвенковски.

Забележителен раст, е вели регистриран кај буџетот на државата, и кај бројот на вработени во јавниот сектопр кој денес, во 2021 година изнесува 4 милијарди и 300 милиони евра, и кај вработени во јавниот сектор 197.530 лица.