Дваесет и првиот век како се уште да не е дојден во селото Локвица кај Македонски брод, каде според сведоштвата на жителите шест месеци се оставени без капка вода.
Според нив проблемот започнал пред околу 4 години откако се изградила хидроцентралата Крапа.
Сарафина Сарафилоска вели дека за проблемот е запознаена општината, но додава дека досега не добиле никаков повратен одговор, ниту решение.
-Во моментот се полни вода од селските бунари, но со оглед на тоа дека луѓето се стари можете да замислите како тие се снаоѓаат секојдневно.Притоа водата во бунарите не е испитана, не знаеме каква вода користиме за секојдневните основни домашни обврски. Не знаеме колку е технолошки исправна и дали е штетна по нашето здравје, вели Сарафилоска.
Селото од градот е оддалечено 15 километри, жителите на селото се претежно стари лица кои во моментов вода црпат од бунари. Тие немаат продавница и затоа принудени се да патуваат.
Проблемот за вода им создава проблеми не само за основните потреби туку и затоа што дел од домаќинствата се занимаваат со земјоделие и сточарство, и не можат да ги обезбедат потребите за вода што им ги налага работата.
Од општината велат дека проблемот е што водоводот е стар. Проект има, но нема пари за да се санира. Оттаму велат дека се надеваат оти ќе бидат обезбедени следната година. Од општина Македонски Брод велат дека проблемот со водоснабдувањето е најизразен во летниот период бидејќи тогаш се јавуваат губитоци на вода.
-Сите дефеци што биле, навреме се санирале. Но тоа некогаш, издашноста на изворите е мнгоу намалена и има доста губитоци на вода зашто водоводот е многу стар. Летниот период доаѓаат поголем број на жители и тука се јавува недостаток на водата, велат од општината додавајќи дека дезинформација било оти селото шест месеци воопшто немало вода.
-Тоа се дезинформации дека воопшто нема вода. Не е така, велат од општина Македонски Брод.
Жителите за проблемот се пожалија и пред две години за медиумите, кога посочија дека по 40 години за прв пат морале да ги отворат бунарите за кои не знаат колку се хигиенски.