logo
logo
logo

Колку ќе не чини одмор во Грција летово? Список на сите цени - од фрапе, гиро до хотели и апартмани

Vecer | 22.06.2021

Колку ќе не чини одмор во Грција летово? Список на сите цени - од фрапе, гиро до хотели и апартмани

Голем дел од граѓаните од Македонија летово ќе го поминат на плажите во Грција каде можат да заминат со потврда дека биле вакцинирани, со негативен PCR тест или пак потврда за прележан Ковид. Претходно, за влез во Грција, сите треба да пополнат и PLF формулатор кој за влез во земјата е задолжителен.

Имено, Македонците веќе го скршија мразот. Продолжениот викенд кој измина "однесе" голем број на граѓаните на грчките плажи. Од она кое досега може да се забележи е дека цените во Грција не се разликуваат многу од оние пред пандемијата.

Експертите тврдат дека доколку летово не е поевтино тогаш нема да биде ни поскапо – а дека исти очекувања имаат и за храната и за сместувањето.

Според понудите на македонскиот пазар во текот на јули и август цените на хотелите се движат од 600 до 700 евра за 10 ноќевања. Омиленото гиро летово нема да не чини повеќе од 3.5 евра, а фрапето во кафулињата се движи од 2.5 до 5 евра.

Па така може да се каже, дека она што го плаќаа Македонците во Грција во последните години ќе го добијат и годинава за речиси исти пари.

Македонските туристички агенции уште од месец мај почнаа да нудат аранжани, а анализите покажуваат дека цените за сместување на омилените дестинации во Грција не се многу променети во однос на годините пред пандемијата.

Девет ноќевања на Закинтос со вклучен превоз за 229 евра

За десетдневен престој во шпиц сезона, поточно во јули и во август на грчките острови можете да заминете и со 210 евра. Бобан Василевски, сопственик на туристичката агенција за млади Балкан Фан вели дека годинава најбарана дестинација на младата популација е грчкиот остров Закинтос.

-Закинтос е вистински хит летово. Во Балкан Фан нудиме две опции – 7 и 9 ноќевања. Цената за 9 ноќи е 229 евра, а во оваа сума е вклучен и автобус и траект. . Иако мислевме дека ќе биде поинаку со оглед на пандемијата, сепак не радува фактот дека нашите клиенти решаваат да користат организиран превоз, вели тој за Вечер, при тоа додавајќи дека освен Закинтос, голем е интересот и за Крф каде за 9 ноќевања потребно е да платите 189 евра, Кефалонија (209 евра) и Халкидики.

Имено, во Калитеа за 150 евра можете да букирате апартман за 7 ноќи. За хотел пак, во кој е вклучен доручек цените за двајца за 7 ноќевања се движат од 400 до 500 евра за јули и август. И за хотелските сместувања во Полихроно цените се слични.

Во оние полуксузните хотели, за десетдневен престој во најбараните термини сепак е потребно да заштедите од 700 до 800 евра за двокреветна хотелска соба.

Василевски и додава дека агенциите се задоволни од одлуката на грчките власти да ги отворат границите, но и дека дополнително олеснување е што Грција за влез ги прифаќа сите вакцини, како и ПСР тест. Па оттаму се со цел да им олеснат на македонските граѓани и конечно да можат повторно да патуваат, неговата агенција но и другите туристички агенции нудат поволни цени за ПСР тестови во нивните аранжмани. Ваквите поволни цени се однесуваат на групните, но не и на индивудалните патувања.

Имено, хотелите и сопствениците на сместувачките капацитети во Грција во целост се подготвени за летната сезона – објектите се исто така подготвени за да примат гости во нови околности. Редовно оддржување и дезинфекција, како и почитувани на сите препорачани епидемиолошки мерки се новото нормално низ сите сместувачки капацитети.

Кафе од 2.5 до 5 евра, гиро не повеќе од 3.5 евра

Цените на прехрамбените продукти во Грција,како и оние по таверните исто така не би требало значително да се променат во најбараните термини.

Во зависност од локацијата и барот, фрапе на плажа може да пиете за цена од 2.5 евра до 5 евра.

Просечната цена на пиво е од 3 до 5 евра, додека пак цената на коктелите се движи од 6 до 10 евра. Мало шише вода чини околу 50 центри или 1.50 за еден литар во таверните.

Што се однесува до гирото, просечните цени се од 2.50 до 3.50 евра, а порција гиро можете да јадете за 6 евра. Пиците пак, во зависност од големината се движат од 6 до 10 евра.

Цените на овошјето и зеленчук се повисоки од македонските цени, а поскапо е и месото.

Сет на лежалки и чадор во баровите на Халкидики во последниве две години чини околу 5 евра и се претпоставува дека истата цена ќе ја задржат и во месец јули и август.

Празничен туризам

Во разговор за "Вечер", Василевски истакнува дека трендот на максимално искористување на празничните споени викенди продолжува.

-Особено не радува што за продолжените викенди младите па и постарите решаваат да патуваат. Изминатиов продолжен викенд, ние како агенција имавме организирано групни 4 дневни патувања за Белград и Санторини. Интересот беше голем и конечно можам да кажам дека патувањата полека но сигурно се враќаат, вели тој.

Василевски и истакнува дека ПСР тестовите за некому се пречка да заминат во Грција, во однос на трошоци па поради тоа годинава голем број на граѓаните се одлучиле да ја посетат Будва.

-Верувам дека овој голем интерес за Будва е поради слободниот влез во државата – односно поради немањето обврска да се приложи ПСР тест.Доколку ваквиот тренд продолжи во наредните две недели, ние планираме да ги зголемиме капацитетите токму за Будва, додава тој.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk