logo
logo
logo

Досие

Ќе мора да се отвори НОВА ИСТРАГА ЗА НАРКОПАСОШИТЕ, по промена на власта

Vecer | 19.06.2021

Ќе мора да се отвори НОВА ИСТРАГА ЗА НАРКОПАСОШИТЕ, по промена на власта

На 11 септември 2019 година, Ален Буниќ, најбараниот хрватски криминалец за трговија со дрога, во 10.53 часот пристигнал во управните служби на македонското Министерство за внатрешни работи, поднел барање за пасош, бил фотографиран и оставил отпечаток на прст, и истиот ден во 17.12 часот си го земал македонскиот пасош со украден идентитет на Атанас Костадинов Витанов. За Буниќ уште во 2008 година канцелариите на Интерпол Италија и на Перу распишале потерници.

Ален Буниќ е познат на хрватските правосудни органи како ограбувач на на банки. Во 2008 година тој од италијанските карабињери бил фатен со 16 килограми хашиш. Осомничен е и за вооружени грабежи на златари и специјализирани продавници за скапоцени камења и часовници. Од 2008 година е во бегство, а македонскиот пасош со украден идентитет на име Атанас Костадинов Витанов е откриен на 2 март 2021 година.

И Хектор Николи Шаќир е познат криминалец по кого трага француската полиција, а има македонски пасош. Во јануари 2013 Шаќир е осуден на казна затвор за трговија со дрога во Рен, Бретања, Франција и по него е распишана потерница преку Интерпол Париз. Сепак, тој на 6 септември 2018 во Скопје без никакви проблеми добива македонски пасош со украден идентитет на Олси Ковачи. Идентитетот на Николи е откриен на 26 февруари 2021 година.

Хектор и неговиот брат Ресми Николи, со променет идентитет во Александар Коро се припадници на албанска наркогрупа предводена од Даниел Дапи. Групата била стационирана во Амстердам, Холандија и дистрибуирале хероин во северна Франција, во Рен, Бретања. Француската жандармерија повеќе од две години применувала посебни истражни мерки за да ја сузбие оваа наркогрупа.

Даниел Дапи бил осуден во Грција на 22 години затвор за убиство, а Хектор Николи во 1996 година бил обвинет и баран со меѓународна потерница за двојно убиство во Албанија.

На 13 септември 2018 година во 13,39 часот во просториите на управните служби на македонското Министерство за внатрешни работи Зејадин Бериша се фотографирал, оставил отпечаток од прстот и за неколку дена добил македонски пасош со нов идентитет – Јосиф Ставре, инаку Македонец и со американско државјанство. Бериша ова слободно го направил иако во Македонија е осуден за тројно убиство и по него има меѓународна потерница за учество во терористички групи.

Овој биометриски пасош со украден идентитет на двоен државјанин на САД и Македонија од Зејадин Бериша, припадник на ИСИС, бил користен цели 30 месеци. Дури на 2 март 2021 година била откриена оваа измама со двојниот идентитет.

Зејадин Бериша (37), кој е инаку по потекло од Косово, во 2018 година од судот во Приштина е осуден за организирање на терористички групи, учество во странска терористичка војска, ИСИС и нелегално држење на оружје.

На 7 мај 2015 година, Хади Нура, Бесим Шабани, Бетим Ибрахимај, Адил Буши, Егзон Латифи, Јетмир Буши, Беким Халили, Зејадин Бериша (во бегство) и Јетон Хајдини се обвинети дека во различно време, преку меѓународниот аеродром во Приштина, отпатувале за Турција, а потоа и за Сирија каде учествувале во воени вежби како дел од терористичката организација ИСИС, извесно време се бореле во Сирија, а подоцна се вратиле на Косово. Со ова се смета дека сториле кривично дело „организирање и учество во терористички групи“. Сите биле дел од џихадистичката група на Ридван Хаќифи.

Српската, хрватската, албанската, француската, италијанската, словенечката, перуанската, колумбиската, црногорската, швајцарската, американската, германската... полиција организираа потери, акции, следеа, воведуваа посебни истражни мерки, разменуваа информации, распишуваа потерници по разноразни криминалци, разбојници, шверцери, наркобосови, терористи, убијци а македонската полиција им издаваше македонски пасоши со украдени идентитети, со кои без проблем ги минуваа границите и си продолжуваа со својот „бизнис“.

Вака накратко може да се опише актуелната афера „Двојник“ или „Мафија“, за која во Македонија досега пресуда е донесена само за девет службеници на МВР за кои Обвинителството сметаше дека извршиле баналмно фалисфикување, а не организирани злосторници кои за пари соработувале со нејтврди меѓународни криминалци.

Во неколку продолженија порталот мкд.мк врз основа на обвинението за аферата „Двојник“ и со мало пребарување на интернет објави неколку продолженија за тоа кој се од јуни 2017 до февруари 2021 година добил македонски пасош.

Во текот на истрагата во Македонија утврдено е дека биле издадени 215 фалсификувани македонски пасоши, од кои засега се познати идентитетите на педесетина. Знаеме дека се работи за издавање македонски пасоши на сериозни криминалци, шефови на големи наркокартели, банди, кланови, убијци, разбојници, познати бандити, но не дознавме кој од повисоките ешалони од македонската власт е замешан во сето ова.

Фатени и осудени се 11 лица, 9 службеници вработени во МВР, кои сето ова го спроведувале, фотографирале, запишувале, земале отпечатоци од прсти, се потпишувале на формуларите и на светските бандити им ги издавале новите документи со украдени идентитети на македонски државјани, кои со години не доаѓале во државата. По јасен пример за организиран криминал на највисокод ржавно ниво од ова - нема. Но, сторителите беа обвинети за ситно дело, благо осудени до една до три години затвор со тоа што Апелација допрва треба да решава за тие пресуди, а врвот на полицијата кој заради начинот на постапката несоменено знаел за ова никој не го допре.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk