logo
logo
logo

Над 433 илјади пријавени за вакцинација: Колку вакцини чека Македонија?

Vecer | 02.06.2021

Над 433 илјади пријавени за вакцинација: Колку вакцини чека Македонија?

Вакцинацијата на сите пунктови низ државата, според здравствените власти, се одвива непречено, а интересот секојдневно се зголемува. Активноста, како што тврдат нема да запре со оглед на најавите дека ќе пристигнат нови количини вакцини, а има доволно вакцини и за втора доза.

Како што информираше Министерството за здравство, на вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 236.878 граѓани, додека досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 433.787 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 2.057 граѓани, а вкупно се вакцинирале 14.763 граѓани.

„Во државата вкупно се аплицирани 331.034 дози вакцини, а ревакцинирани се 94.156 граѓани. Со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, соопшти вчера Министерството за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера истакна дека официјалните препораки на сите производители е да не се мешаат вакцините како за првата доза истиот производител треба да биде и за втората доза.

„Немаме официјална препорака дека може да биде вакцина од еден тип за прва доза и друг тип за втора доза“, изјави Филипче и посочи дека сè уште нема точни датуми за пристигнувањето на вакцините „Спутник“ и на „Синовак“. Завчера разговарал со рускиот амбасадор и тој зема обврска да контактира со Институтот во Москва и да даде повратни информации.

Филипче нагласи дека имунизацијата нема да запре, посочувајќи дека завчера пристигнаа 11.700 вакцини од „Фајзер“ кои се дистрибуираат, а во текот на неделава очекуваат и други вакцини од Бугарија и Грција. Месецов треба да пристигнат околу 110 илјади Фајзер вакцини преку Ковакс системот и околу 80 илјади преку нашиот директен договор.

Освен вакцините на „Фајзер“ се очекуваат донации и од Бугарија и од Грција од 70 илјади дози на вакцината „Астразенека“ којашто засега се аплицира само кај лица постари од 60 години. Овој месец би требало да стигнат и 500 илјади дози од кинеската вакцина „Синовак“, којашто Светската здравствена организација денеска ја одобри за итна употреба.

На прашањето дали стравува од можноста населението да не сака да се вакцинира со оваа вакцина поради фактот што последна беше признаена од СЗО, истакна дека граѓаните треба да имаат доверба.

„Исто како што сите вакцини ги аплициравме до сега, треба целта да се постигне, колективен имунитет врз основа на ефикасноста на секоја вакцина поединечно, да се измери ефективноста на целокупниот процес, е нешто што ќе ја смени сликата за епидемијата. Така што, апсолутно граѓаните треба да бидат спокојни, сите вакцини се безбедни и се доволно ефикасни“, порача Филипче.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 Арената во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и апелираат граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk