logo
logo
logo

Грабеж

За три месеци БАНКИТЕ ОД НАС ЗАРАБОТИЛЕ 32 МИЛИОНИ ЕВРА! А другите банкротираат

Vecer | 01.06.2021

За три месеци БАНКИТЕ ОД НАС ЗАРАБОТИЛЕ 32 МИЛИОНИ ЕВРА! А другите банкротираат

Сите во Македонија губат со корона кризава само банките заработуваат, и тоа со брзина на стампедо. Главните македонски банки заработуваат над 100.000 евра дневно, и во празници и во делници, секој ден нови 100.000 евра заработка за банката.

На банките им е дозволено се, па и наплата на услуги за кои немаат трошок. Работат со парите на граѓаните на банкарските сметки и не им плаќаат камати туку напротив, земаат пари затоа што - парите ги чувале. Постојат десетина елементи на кои банките заработуваат без основ, и очигледно е дека меѓу нив постои недозволен корпоративен траст договор против трговска конкуренција за таа за да не се случи, друга банка да даде поинаква понуда и да ги преземе клиентите.

Само во првите три месеци од годинава, сите 14 македонски банки оствариле вкупен профит од 32,2 милиони евра, покажуваат последните податоци кои ги објави Народната банка.

Ако се направи споредба со првиот квартал лани, кога банките оствариле вкупни добивки од 18,6 милиони евра, ќе се види дека во првото тримесечје од годинава профитот на банкарскиот сектор е зголемен за 13,6 милиони евра, односно за дури 73 проценти!

Минатата година е позната по тоа што беше година на пандемија, во која дел од бизнисите беа уништени, а многу работни места беа и затворени, па Владата ги ублажуваше последиците со неколку сета на економски мерки.

Но, и во таа година банките покажаа зголемен профит во однос на претходната, зголемување на вкупните добивки за дури 73 отсто во  реме на пандемија, откази и уривање бизниси поради владините рестрикции.

Како и вообичаено, најдобро во поглед на профитабилноста им одело на  петте банки кои се први според висината на активата во категоријата на големи банки. Тие во првиот квартал од годинава оствариле профит од 28 милиони евра. Во првиот квартал лани големите банки имале профит од 24 милиони евра, што значи дека за првите три месеци од годинава имале зголемување за четири милиони евра.

Што е причина уште во првиот квартал банките да ги направат големите банкарски профити?

Извештаите на централната банка од јануари заклучно со март годинава покажуваат дека банките вкупно оствариле приходи од камати од 73,8 милиони евра, додека направиле расходи од камати од само 13 милиони евра.

Тоа говори дека банките и натаму многу повеќе заработуваат од многу поскапите кредити што им ги одобруваат на граѓаните, во однос на се пониските каматни стапки што им ги плаќаат на штедачите кои кај нив ги чуваат своите влогови.

Или, во првиот квартал од годинава, нето приходите од камати биле дури 61 милиони евра, и тоа е таа разлика на каматите на кредитите и на граѓанските заштеди.

Сосема солидно банките секогаш заработуваат и од проивизии и надоместоци, па нето приходите што во првиот квартал од годинава ги оствариле по таа основа изнесуваат близу 22 милиони евра, додека, пак, нето приходите од курсни разлики биле нешто помалку од четири милиони евра. А, многу солидна сума од дури осум милиони евра банките во првите три месеци прокнижиле од останатите приходи од дејноста.

Останите трошоци се, помеѓу останатото, и кога наплаќаат проверка на сметка, подигање пари од нивни банкомат или електронско плаќање за кои немаат трошоци но, затоа, имаат заработка во милиони евра. Граѓаните и компаниите никој не ги штити од ова неосновано грабање и богатење на банките.

За плати на своите вработени, но и за бонуси на менаџерите банките дале 20 милиони евра, додека, пак, 22,3 милиони евра се одлеале од банките како останати расходи од дејноста.

Сепак, кога од сите овие приходи и расходи ќе се направат пресметките и кога ќе се пресметаат даноците кон државата, на нашите банкари за само три месеци им остана чиста заработка од 32,2 милиони евра.

Лани, пак, во година на пандемија, карантини и рестрикции, македонските банки покажале вкупна годишна профитабилност од 118 милиони евра, наспроти претходната, 2019 година берџ пандемија кога вкупниот профит на банките бил помал, близу 109 милиони евра.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk