logo
logo
logo

БГНЕС: ЕУ ќе бара Македонија да признае дека македонскиот јазик е од 1945 година

Vecer | 21.05.2021

БГНЕС: ЕУ ќе бара Македонија да признае дека македонскиот јазик е од 1945 година

Документот од Португалија и нуди на Македонија „да признае дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година“, а потеклото е изоставено во предлогот на Претседателството. Предвидува двете земји да дистрибуираат еднострани декларации за краткото и долгото име на РСМ, објави БГНЕС.

Документот практично ги „пренесува“ бугарските предлози во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација, што е, сепак, процес каде не се носат оперативни одлуки. За разлика од пристапните преговори, Бугарија е лишена од можноста да реагира доколку РСМ повторно не ги исполни своите обврски, толкува БГНЕС. Од документот станува јасно дека властите во Скопје мора да подготват патоказ, чија имплементација мора да се следи во рамките на ПСА.

Предлозите за надминување на спорот со Бугарија со кои Македонија треба евентуално да добие датум за преговори во јуни денеска во Софија ќе ги презентираат министерот за надворешни работи на Португалија, Августо Сантос Силва, чија земја претседава со ЕУ, и комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји. БГНЕС го има документот за кој треба да се дискутира.

Во исто време, треба да се забележи дека можноста за надгледување на спроведувањето на овој патоказ од страна на Советот за стабилизација и асоцијација (ССА) е во суштина необврзувачка можност да се разговара за ова прашање без инструменти на влијание. Според БГНЕС, станува збор за нов декларативен и правно необврзувачки документ.

„Предлогот да се „потврди“ значењето на чл. 11 од Договорот преку еднострани декларации на кој било начин не ја обврзува РСМ да ја прекине својата политика за воспоставување во Бугарија т.н. „Македонско малцинство“ и нејзино промовирање на меѓународно ниво“, смета БГНЕС.

Со декларацијата на Советот, потврдувајќи ги едностраните декларации на Бугарија и на РСМ, во пракса Советот става на едно исто ниво земја-членка – Бугарија и земјата-кандидат Македонија. Фактот дека во предлогот се споменуваат и „црвените линии на Северна Македонија“ може да се смета како апсолутен преседан, според БГНЕС. Договорот вклучува „странски експерти“ во заедничката историска комисија.

Претседателот на ГЕРБ Бојко Борисов, кој повеќе не е премиер на Бугарија, денеска се состана со комесарот на ЕУ за соседството и проширување Оливер Вархеји во седиштето на партијата. Главниот фокус на разговорот, што го иницираше европскиот комесар, беше Договорот за добрососедство.

„Борисов ја посочи клучната улогата на Бугарија за враќање на темата за европска интеграција на Западен Балкан на дневен ред на Унијата. Лидерот на ГЕРБ повтори дека европската иднина на овој стратешки регион е гаранција за мир и просперитет, како и превенција од влијанието на другите сили. Тој посочи дека Европа мора да продолжи да работи активно на темата европска интеграција на Република Северна Македонија и Албанија, имајќи ги предвид позициите на секоја земја“, се вели во соопштението на ГЕРБ.

Двајцата разговарале и за проширување на транспортната и дигиталната инфраструктура на земјите од регионот. Борисов изрази уверување дека создавањето економски услови и просперитетот придонесуваат за развој и за добрососедски односи. Според поранешниот премиер, тоа е во интерес на целиот регион и европската безбедност

Притисок врз претседателот Румен Радев и привремениот премиер Стефан Јанев за укинување на бугарското ветото за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, започнува денеска, објави 24 Часа.

Со наслов „На Радев и Јанев му вршат притисок да и дозволат на Македонија да преговара за ЕУ ​“, изданието пишува дека целта е привремената бугарска влада и шефот на државата во јуни да ја одобрат меѓувладината конференција со Северна Македонија за да се даде технички почеток на преговорите за пристапување.

„Европски комесар и португалскиот министер денеска ќе се обиде да изврши притисок врз Радев и неговата влада во Софија. Двајцата пристигнуваат во Бугарија рано наутро на разговори со претседателот, привремениот премиер и Министерот за надворешни работи Светлан Стоев. Попладнето, комесарот на ЕУ и Португалецот ќе одат во Скопје.

Сепак, некои европски земји се спротивставуваат на вклучување на билатерални проблеми во рамките на ЕУ. Новата бугарска влада и претседателот Радев не се склони да прават никакви отстапки досега на релација со Северна Македонија“, пишува 24 Часа.

Германскиот амбасадор во Софија Кристоф Ајхорн оствари средба со привремениот премиер Јанев во четвртокот, соопшти владината прес-служба. Меѓу дискутираните теми беа и односите на Бугарија со Северна Македонија. Досега, Германија е една од земјите кои најактивно се обидуваат да ја сменат бугарската позиција за почетокот на преговорите со Албанија не е блокиран заради Македонците.

„26 земји-членки се заложници на некаков мал национален интерес на земја што и штети на цела ЕУ и ја уништува довербата на Западен Балкан во неа “, рече германскиот амбасадор во Скопје Анке Холштајн за време на дискусијата за членството во ЕУ, пренесува изданието.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk