logo
logo
logo

Корупција со европски пари

Нашиве земале мито од Италија на сметка што си ја отвориле во Грција

Vecer | 11.05.2021

Нашиве земале мито од Италија на сметка што си ја отвориле во Грција

По спроведена истрага од меѓународни рамки во која беа вклучени и меѓународните организации ОЛАФ и ЕУРОПРАВДА, Обвинителството за организиран криминал поднесе обвинение против државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација Јахи Јахиа и против негова колешка, за проневера на 1.753.928 евра од ИПА проект.

Македонија, според правилата на ЕУ, ќе мора да ги врати назад овие пари бидејќи не смее да има никаква злоупотреба и криминал во врска со нив.

48-годишниот Јахиа e обвинет дека во соизвршителство со второобвинетата Ј.Г. (53) сторил кривично дело – „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 5, член 22, кривично дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“ предвидено и казниво по чл. 273 став 1, како и за „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 став 1 од Кривичниот законик.

Второобвинетата сторила кривично дело – „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 ст.5 и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“ предвидено и казниво по чл. 273 став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинението, во периодот од октомври 2012 до април 2017 година, првообвинетиот како службено лице – именуван функционер и Претседател на Управувачки комитет на проект, заедно и по претходен договор со второобвинетата – раководен државен службеник и член на Управувачкиот комитет, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за една фирма од Италија, ги злоупотребиле своите службени положби и овластувања.

Италијанската фирма, која е под кривичен прогон во Италија, ги искористила неовластено споделените информации, изготвила понуда адаптирана на потребите и ги исполнила прсктично сите технички и финансиски услови.

Воедно, обвинетата Ј.Г. во претходен договор со обвинетиот Јахиа, за едниот проект помогнала при изготвувањето на финансиската понуда на правното лице – апликант и ја прилагодила согласно на условите кои биле објавени во тендерот. Со ваквите дејствија обвинетите му овозможиле на правното лице да има незаконита правна предност во однос на другите апликанти на тендерите и истото да биде избрано за изведувач на проектите.

Како награда за поддршката, обвинетите од страна на италијанското правно лице освен со туристички патувања биле наградени и со парични средства. Па така, првообвинетиот за успешното издавање на доверливи информации добил поткуп од 42.430 евра, додека второобвинетата за услугите што ги извршила за време на спроведување на проектите 57.052 евра.

Италијанската фирма митото на двајцата им го исплатила од парите од ИПА проектот кој го добила со нивна помош, противзаконски. На Ј.Г. парите и ги исплатиле на сметка која за да го скрие трансферот, таа ја отворила во Грција.

Европската Комисија, после се, бара враќање на средствата доделени за спроведување на проектите во висина од 982.307,65 евра за првиот проект, односно 771.620,20 евра за вториот проект. Износот во вкупна вредност од 1.75 милиони  евра треба да се врати на Европската Комисија, а на штета на Буџетот на Македонија.

При претресот на домот на првообвинетиот во текот на 2019 година било пронајдено оружје кое прво обвинетиот неовластено го поседувал – пиштол марка „Лугер“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk