logo
logo
logo

НАЈГОЛЕМИОТ СТРАВ НА МАКЕДОНСКИТЕ ТУРИСТИ

Дали Грција ќе го прати цел автобус во карантин доколку еден патник испадне позитивен на случајните тестирања на граница?

Vecer | 11.05.2021

Дали Грција ќе го прати цел автобус во карантин доколку еден патник испадне позитивен на случајните тестирања на граница?

Пред отворање на туристичката сезона во Грција, многу македонски но и српски туристи кои планираат да патуваат во оваа земја со автобус ги мачи едно прашање.

Што ќе се случи ако некој од патниците во автобусот се покаже позитивен на граничните премини пред да влезе во земјата?

Грција ја отвора туристичката сезона во сабота, а задутре треба да се знае според кои правила туристите ќе можат да влезат во оваа земја.

Според досега најавеното, сите туристи кои поседуваат сертификати за вакцинација или негативен ПСР тест не постар од 72 часа ќе можат да ја преминат границата и да го започнат својот летен одмор.

Грчкиот министер за туризам, Харис Теохарис најави дека во четврток ќе ги објави сите информации и правила врзани со престојната сезона. Тогаш ќе се знае и дали Грција дополнително ќе ги олесни рестриктивните мерки и ќе ја укине забраната за движење меѓу регионите.

Во пресрет на оваа информација, најголемиот страв кај нашите туристи е предизвикан од најавеното случајно тестирање на туристите на граничните премини за влез во Грција.

Низ српските портали се појави информација која вели дека доколку еден патник е позитивен на коронавирус на случајните тестирања, тогаш цел автобус, односно сите патници во тој автобус ќе мора да одат во двонеделен карантин.

Ова се разбира, би преставувало голем ризик за туристичките агенции во Македонија и Србија бидејќи на тој начин сите патници би го пропуштиле летниот одмор.

Според најавите, грчки официјални лица ќе имаат дискреционо право да ги тестираат туристите со брз, антигенски тест без оглед на фактот дека истите поседуваат сертификат или негативен ПСР тест.

Сепак потпретседателот на српското Националното здружение на туристички агенции "ЈУТА" Милан Лаиновиќ нагласува дека туристичките агенции, а и туристите немаат простор за паника.

-Договорот со грчките власти е дека само оние кои ќе бидат позитивни ќе заминат на лекување во најблиската болница На пример, доколку некој е позитивен на граничниот премин Евзони ќе биде испратен во болница во Солун. И во таа болница, тоа лице ќе се лекува на сметка на Грција, објаснува тој.

Дискреционо право да ве вратат од граница

Сепак многумина се прашуваат зошто и покрај негативниот ПСР тест или сертификатот за вакцинација грчките власти ќе прават случајни тестирања.

Лаиновиќ посочува дека станува збор за дискреционо право на грчките власти.

-Официјалните лица на граница го имаа тоа право и пред да биде корона пандемијата. Иако имате пасош тие имаат право да ве вратат од граница, додава тој.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk