logo
logo
logo

Како Македонија стана РАЈ ЗА НАЈМОЌНИТЕ ЕВРОПСКИ КРИМИНАЛЦИ

Vecer | 12.04.2021

Како Македонија стана РАЈ ЗА НАЈМОЌНИТЕ ЕВРОПСКИ КРИМИНАЛЦИ

Ако е познато дека криминалците од САД бегаат во Мексико и Колумбија  и потоа таму го бараат спасот да избегаат од законот и по нов идентитет, сведоци сме дека европските криминалци такво прибежиште изминативе 4 години наоѓале во Македонија, која станала рај за светските криминалци.

Лидери и членови на едни од најопасните и најозогласените криминални групи успевале во тој период слободно да шетаат во земјава, иако биле барани од Интерпол, но пострашно е што успеале да добијат нов идентитет  и лажни документи од Министерството за внатрешни работи.

За јавноста, оваа афера ја обелодени опозициската ВМРО-ДПМНЕ која ја нарече афера „Мафија“, додека власта по спроведената акција за апсење на лица од сопствените редови ја нарече „Двојник“.

Според документите кои секојдневно ги обелоденува опозицијата, гледаме дека овие лица кои добивале лажни документи од МВР не биле ситни криминалци, туку едни од најпознатите и најозогласените во Европа, кои во нивните држави се обвинети за сериозни криминали, учество во мафијашаки здруженија, поврзувани со убиства, грабежи, трговија со дрога, изнуда и перење на пари.  Од балканскиот Шкаљарски клан, познатата мафија Ндрангета во Италија, па се до борци на ИСИС.

Кој се добивал македонски документии?

Прво име кое беше обелоденето од ВМРО-ДПМНЕ беше Јован Вукотиќ, за кого медиумите пишуваа дека е лидер на познатиот Шкаљарски клан, кој во Македонија го добил идентитетот на Георги Андонов. Но, тој самиот тоа го потврди и пред Судот во Белград, каде што му беше изречена и пресуда за фалсификување на патна исправа.

Потоа според ВМРО-ДПМНЕ, македонски идентитет добил и Седат Пекер, кој во Турција важи за криминалец односно лидер на Турската мафија. Тој го добил идентитетот на Џадин Адемовски, но ова го демантираше преку неговите адвокати. Обвинет е за повеќе дела во земјата меѓу кои и обидот за соборување на турскиот претседател  Реџеп Таип Ердоган за што е осуден на 10 години казна затвор, која не ја издржува затоа што живее во егзил. Во земјава може да се види како слободно шетал и се среќавал со функционери и разни бизнисмени.

Пред три дена во Турција беше спроведена полициска акција поврзани со злосторничко здружение за организиран криминал, а според СиЕнЕн Турција, лицата опфатени во акцијата  биле од мрежата на Пекер

Третото лице кои беше обелоденето од опозицијата е шефот на нарко клан од Албанија, Флорјан Мусај со позајмен идентитет Наум Фило. Тој е познат по тоа што против неговиот нарко картел во 2018 година, преку меѓународна соработка помеѓу полициските служби на Германија, Италија, Холандија и Албанија се откриени 91 килограм кокаин во вредност од 20 милиони евра и огромна дилерска структура низ сите овие држави.

Четвртото лице за кое според опозицијата добил македонски документи од МВР е Стефан Џукиќ осомничен за обид за убиство на еден од водачите на т.н. Кавачки клан. Како што беше објавено обидот за убиство се случил во Киев, Украина, а името е Радоје Звицер. Стефан Џукиќ имал македонски пасош на име Каче Герѓи. Кавачкиот клан е познат по тоа што е во војна со Шкаљарскиот, а резултатот на тоа се бројни убиства и криминали низ Европа.

Следи и петтото објавено лице од аферата кое добило документи од МВР, а тоа е Валид Иса Хмаис кој важи за главниот перач на пари од трговијата со кокаин на италијанската Ндрангета кој на 09.01.2019 година во Скопје во регуларна постапка добил македонски пасош со украден идентитет на жител од Корча, Вурмо Таќо.

Ндрангета важи за најмоќната италијанска Мафија, против која под максимална безбедност оваа година во Италија започна судење кое го нарекоа „Судење на 21 век“  во кое 355 лица се обвинети за кривични дела - од перење пари, преку изнуда и трговија со дрога, до убиства.

Шесто лице  објавено од опозицијата како дел од оваа афера Луи Волина, криминалец осуден 2020-та година на 6 години затвор во Шпанија за трговија на дрога, а кој при апсењето поседувал македонски пасош на друг човек со иницијали Н.М.А.

Но не само криминални групи, туку лица поврзани со терористички организации добивале македонски документи. Седмото лице кое беше објавено од ВМРО-ДПМНЕ, е косовскиот државјанин Фатим Дема, член на ИСИС и баран со потерница од приштинскиот суд за одлежување на затворска казна, но некако успеал да стигне во Македонија и да добие македонска патна исправа со лажен идентитет. Според ВМРО-ДПМНЕ,  Дема во Сирија бил познат како еден од најблиските соработници член на Љавдрим Мухаџери, еден од најпознатите членови на ИСИС.

Колку е голема аферата и што понатаму?

Според информациите аферата не застанува тука, туку станува збор за 219 издадени пасоши на разни и озогласени криминалци барани по целиот свет. Застрашувачки е фактот дека криминалци од ваков тип слободно доаѓале во Македонија, слободно шетале по македонските улици и згора на тоа влегувале во македонското МВР, но не како уапсени, туку да добијат македонски документи.

МВР со Обвинителството спроведоа акција во која се опфатени 10 лица. Шест од нив добија мерка притвор, едно лице во бегство исто така доби ваква мерка, додека тројца добија мерки за претпазливост,   а последното лице веќе било во притвор.

Сите се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувања. Десетмина од нив се вработени во службите на МВР за издавање пасоши, додека едно лице било посредник. Според информациите што ги објави Обвинителството, осомничените издале 219 пасоши, од кои четири му биле издадени на едно лице.

Додека власта ја обвинува опозицијата за мешање во истрага, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека криминалци од ваков калибар не можеле да влезат во Макеедонија и да добијат македонски документи без знаење на премирот Заев и министерот Спасовски.

Добиените документи се оригинални и добиени од МВР. Но, постапката е криминална.

Веднаш после оваа афера, во Македонија дојде Американската агенција за борба против наркотици – ДЕА да спроведе акција за заплена на дрога вовредност од 800.000, во која самото МВР потврди дека бил вклучен и висок полициски службеник.

Колку с еповрзани овие две афери допрва ќе видиме. Сепак факт е дека и двете се од европски и светски размери. И нема да не изненади Македонија да остане без безвижниот режим во ЕУ, поради издавање на пасоши со лажен идентитет што е меѓународно кривично дело.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk