logo
logo
logo

Антонијо Милошоски

„Седат Пекер во Скопје ШЕТАЛ СО ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ“

Vecer | 09.04.2021

„Седат Пекер во Скопје ШЕТАЛ СО ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ“

За разлика од тоа што овој меѓународниот мафијаш Седат Пекер во Истанбул мора да се крие и не може слободно да се движи бидејќи турската полиција насекаде го бара, во Скопје се движел слободно со своите политички и бизнис другари блиски до актуелната власт, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на денешната прес конференција.

Милошоски вели дека Седат Пекер кој што добил македонска патна исправа под името Џадин Амедовски во Скопје бил пречекуван со службени полициски возила на аеродромот, му бил обезбеден ескорд до центарот на градот, а во градот бил придружуван и од лица од МВР како дел од неговото обезбедување.

- Инаку се сретнувал како што кажа и премиерот и со повеќе коалициони партнери на актуелната владејачка гарнитура и со нивни бизнис партнери, рече Милошоски.

Тој додаде дека одминува веќе четвртиот ден откако се проговори за аферата „Мафија“ и за скандалот за издавање на македонски патни исправи на меѓународни трговци со дрога.

- Она што сакам да го истакнам денес е дека за разлика од Скопје каде што Седат Пекер познат во Македонија како Џадин Амедовски, имал таква патна исправа, во Скопје се движел слободно, додека во Истанбул утрово од 6 часот турската полиција веќе почна една голема операција во која што се лишени од слобода повеќе од 40 лица, и се трага по мафијашот Седат Пекер, кој што во Македонија слободно добил патна исправа на име Џадин Амедовски, рече Милошоски.

https://www.youtube.com/watch?v=JXT9Kr8mC5w

Тој додаде дека во денешната акција во Истанбул турската полиција го бара за организирање на криминална група за поткуп, за рекет, за нанесување на телесни повреди како и за лишување од слобода на повеќе лица.

- Затоа сметаме дека аферата „Мафија“ на Македонија и донесе две големи непријатности, прво, нарушување на имиџот на Македонија како сива зона во која прибежиште можат да најдат меѓународни криминалци и второ, наместо да им помогне Македонија  на пријателските држави како Турција, Црна Гора, Србија или Италија и целата ЕУ, им одмага со тоа што нуди прибежиште на вакви познати криминалци  кои се занимаваат со меѓународна трговија со дрога, рече Милошоски.

Посочи дека е важно  и е барање на ВМРО-ДПМНЕ за да не се наруши безвизниот режим на македонските граѓани со земјите членки на ЕУ, Владата под итно треба да испрати барање до Генералниот директорат за внатрешни работи на ЕУ и да покани тим од ЕУ кој ќе направи ревизија на овој скандал наречен „Мафија“ за да може да се увиди кои се пропустите на системот, затајувањето на граничната контрола и како можеле вакви луѓе кои се бараат со потерница да влегуваат во Македонија и да добиваат македонски патни исправи.

- Македонската влада треба под итно да побара тим на експерти од Генералниот директорат за внатрешни работи на ЕУ, а се со цел да не го доведе во ризик безвизниот режим на македонските граѓани и нивното патување  во ЕУ, бидејќи овој безвизен режим Македонија го доби во 2010 година се заснова на принципот на високи стандарди, сериозна гранична контрола и меѓусебна доверба на државите членки на ЕУ и државите што уживаат безвизен режим. Со скандалот Мафија сметаме дека  оваа доверба Македонија ја губи затоа што на познати мафијашки структури од Црна Гора, Италија, Турција, Србија и други места им биле доделувани македонски патни исправи со што тие го изигрувале системот на Интерпол на земјите членки на ЕУ кои трагале по овие мафијаши, истакна Милошоски.

Тој додаде дека  за да не испадне дека Македонија е на страната на мафијашите наспроти земјите членки на ЕУ кои ги бараат и да не настрадаат македонските граѓани со губењето на безвизниот режим на патувања кон ЕУ, Македонија под итно треба да побара од Генералниот директорат за внатрешни работи во ЕУ тим за ревизија на аферата „Мафија“.

- За да се види на кој начин биле издавани овие пасоши, како успеале луѓе со меѓународна потерница да влезат во Македонија и да се санираат последиците. Да се направи една реформа, за да може, освен политичката одговорност да имаме и здрав систем кој што во иднина ќе функционира, така како што функционираше во 2010 година, кога Македонија доби безвизен режим, вели Милошоски и додаде

- Тоа би била нашата порака денес за овој скандал и се разбира она што, политички, е очекувано освен одговорноста на луѓе кои што работеле на шалтер, треба да се сноси и политичка одговорност на надлежните. Особено министерот за внатрешни работи во чиешто време 215 меѓународни криминалци добиле македонски патни исправи, а истовремено биле барани со потерници од Интерпол.

https://www.youtube.com/watch?v=lYM_DW2n4fw

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk