logo
logo
logo

Фалсификувани пасоши од МВР за ОЗОГЛАСЕНИ МАФИЈАШИ - Детали за АФЕРА „МАФИЈА“

Vecer | 05.04.2021

Фалсификувани пасоши од МВР за ОЗОГЛАСЕНИ МАФИЈАШИ - Детали за АФЕРА „МАФИЈА“

Нарко босови од балканското подземје набавиле македонски пасоши преку Министерството за внатрешни работи, открива опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде што посочуваат дека озлогласениот лидер на Шкаљарскиот клан, Јован Вукотиќ, добил македонски пасош на 19 декември 2017 година под името Георги Андонов и истиот истекува на 18 декември 2027 година.

Покрај него водачот на турската мафија, Седат Пекер, кој и покрај тоа што е протеран од Македонија, сепак добил македонска лична карта под друг идентитет и тоа на име на лицето Џадин Амедовски.

Според ВМРО-ДПМНЕ покрај овие постојат уште најмалку двесте документи со украдени идентитети издало МВР на познати балкански нарко-босови и криминалци.

Вукотиќ беше уапсен во 2018 година во Турција од каде што беше депортиран во Србија и осуден на  15 месеци затвор заради фалсификување на патна исправа, односно токму заради користење на македонски фалсификуван пасош со кој ги минал границите на Македонија, Турција, Србија, Шпанија, Грција, Украина и Полска на име Георги Андонов.

За време на судењето во Белград, тој призна дека го користел македонскиот пасош. На прашање на заменик јавниот обвинител дали може обвинетиот да се изјасни кој е Георги Андонов, обвинетиот изјавил: „Тоа лице не постои, барем јас така мислам. Уште еднаш напоменувам дека се работи за патна исправа која е регуларна, издадена е на место каде што се издаваат патни исправи“ – брифираат од ВМРО-ДПМНЕ, цитирајќи го записникот од главниот претрес на судот во Белград, каде што Вукотиќ признал дека има македонски пасош.

Вештачењето од страна на МВР на Република Србија, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, утврдило дека станува збор за автентичен македонски пасош издаден од македонските државни органи, но со лажен идентитет.

Водачот на турската мафија, Седат Пекер, пак, по само 4 дена откако официјално беше протеран од земјава, отишол во полициската станица во Драчево, се фотографирал и поднел барање за лична карта со украден идентитет на лицето Џадин Амедовски, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

– Седет Пекер, според објавата на билтенот на МВР и подоцна на телевизија Телма, е протеран од државата на 18 јануари 2021 година поради неуреден престој во земјава. Тој престојувал во мал хотел во Петровец и имал средби со криминалци, но и со политичари.

Официјално од полицијата не сакаат да откријат ништо, а ако се погледне сајтот на МВР, има само едно штуро соопштение за овој настан. Според неофицијални информации, Седат Пекер имал косовски пасош, па поради тоа е протеран таму. Но, по само четири дена откако официјално е протеран, тој на 21 јануари годинава си доаѓа во полициската станица Драчево, се слика и поднесува барање за лична карта со украден идентитет на Џадин Амедовски – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Јован Вукотиќ

Шкаљарскиот клан до 2014 година владееше со подземјето во Србија и Црна Гора, предводен од четири лица, меѓу кои озогласениот Јован Вукотиќ. Меѓутоа по неспоразум за 200 килограми кокаин од Јужна Америка, групата се дели на два клана кои започнуваат војна до истребување со убиства по цела Европа. Според многумина кланот важи за еден од најмоќните во Европа.

Безбедносните служби го означуваат Јован Вукотиќ како еден од водачите на Шкаљарскиот клан, со неговиот брат Игор и сограѓанинот Игор Дедовиќ и го поврзуваат со „одредена доза насилство“ и шверц на дрога.

Тој помина девет месеци во спушкиот затвор од ноември 2014 година до август 2015 година, за помагање и помагање во обид за убиство во 2002 година, настан случен кога имал 21 година. Додека пред повеќе од седум години, тој беше осуден на три месеци затвор за пиштол што беше пронајден во неговиот блиндиран џип.

Шкаљарскиот клан има повеќе свои операциони единици во чиј состав влегуваат и криминалците како Лука Бојовиќ, шеф на Земунскиот клан, моментално во затвор во Шпанија.

Улогата на како лидер на кланот Вукотиќ, но и конфликтните односи со неколку силни групи, доведоа до тоа тој да бидеповеќе пати во центарот на престрелки во Котор и Белград, поради што тој ангажираше обезбедување, претежно српски државјани, поранешни припадници на воени и паравоени формации .

Некои од најблиските соработници на Вукотиќ, Игор Дедовиќ и Стеван Стаматовиќ, беа убиени во Атина. Таму се криеја откако претходно беа барани за убиство на двајца членови на Кавачкиот клан

Освен Јован Вукотиќ, еден од лидерите на клан е и неговиот роден брат Игор Вукотиќ. Тука е и Владан Радоман, брат на Горан Радоман, по чие убиство започнува борбата со соперничкиот Кавачки клан и исчезнувањето на 300 килограми кокаин во Валенсија, Шпанија.

Јован Вукотиќ беше осомничен за обид за убиство на Милош Радоњик и Војнина Ступара, а се тврдеше и дека пукал на Звицер.

Седат Пекер

Седат Пекер важи за криминалец од Турција, за кој дел од тамошните медиуми го опишуваа како водач на Турската мафија. Како припадник на Ѓуленистите, тој во моментов е во егзил од својата држава.

Тој беше уапсен во Македонија на 18 јануари оваа година, наводно за нелегален престој во државата. Сепак податоците говореа дека тој и не се криел во Македонија.

На неговиот профил на Фејсбук можеа да се забележат средби со познати бизнисмени и со градоначалници.

На Пекер му се судело за убиство на шверцерот со дрога Абдула Топчу, но бил ослободен од обвинението. Двајцата други обвинети во истиот случај, кои наводно работеле за него, беа осудени на доживотен затвор.

По ова, тој избегал во Романија и бил баран, меѓудругото, за рекет, принуда и поттикнување убиство.

На 12 мај 2005 година бил уапсен за време на операцијата „Пеперутка“ во Турција. На 31 јануари 2007 година бил прогласен за виновен за градење и водење на криминална организација, грабеж, фалсификат и осуден на 14 години и 5 месеци затвор.

Пекер е обвинет и дел е од аферата за соборување на Ердоган, за што е осуден на 10-годишна затворска казна.

Турскиот новинар Ахмед Динмез  кој објави за апсењето, напиша дека Пекер имал непријатели во Турција вклучително и Берат Албајрак зет на претседателот Реџет Таип Ердоган.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk