logo
logo
logo

За Филипче има слободни кревети, докторите велат има слободни само на телевизија

Vecer | 26.03.2021

За Филипче има слободни кревети, докторите велат има слободни само на телевизија

Системот пред крах,  бројките на заразени и починати ужасни, болниците преполни, но министерот за здравство Венко Филипче не се откажува од фамозното „се е под контрола“.  Во реалноста не е.

На терен состојбата е алармантна, слободни места за хоспитализација речиси да нема, пациентите нема каде да се хоспитализираат, медицинскиот персонал изморен и во агонија.

Веќе од вчера нема слободни места за хоспитализација на пациенти позитивни на корона вирус во најголемата болничка установа во земјава ГОБ „Осми септември“, каде веќе се примени повеќе пациенти отколку што може да издржат капацитетите. Потврдата за тоа пристигна од вработените.

- Вчерашните бројки покажуваат дека неколку пациенти повеќе се примени во ГОБ 8. Септември, со оглед на тоа што имаме 105 кревети, а 120 хоспитализирани пациенти. Оттаму повеќе нема простор ниту за дополнителни кревети, и заклучно со вчерашниот ден сите капацитети се пополнети. Нашата болница се соочува 13 месеци со постојана работа како Ковид центар. Капацитетот на болницата е преоптоварен, изјави д-р Наташа Петковиќ за ТВ24.

Покрај ГОБ слободни болнички кревети повеќе нема ни во уште една поголема болница, односно Штипската болница каде се примаат пациенти од целиот источен регион на Македонија Тоа за медиумите го потврди и самиот директор Ален Ѓеорѓиев кој истакна дека притисокот веќе 4 дена е неиздржлив.

Слободни места повеќе нема ни во болницата во Гостивар каде капацитетот се исполнил откако само вчера биле примени 20 пациенти позитивни на корона вирус. Ситуацијата апсолутно секаде е загрижувачка, моментални има  1.448 хоспитализирани пациенти и се помалку слободни места. И додека министерот Филипче убедува дека се е под контрола, медицинскиот персонал го демантира.

Д-р Миралем Јукиќ вработен во Итната медицинска помош вели дека слободните 200 легла ги има само на телевизија, но во реалноста не е така и сликата е песимиситичка.

Тој за ТВ 24 изјави дека се води борба за слободно болничко легло, и дека иако нема слободни места никаде мора да ги носат пациентите во било која болница само за како вработени да не добијат тужба.

- Ние на вести гледаме дека има слободни легла, во пракса, мене ми е многу песимистичка сликата. Се случува, да имаме повик за пациент и тешко е да се најде слободно место. Кога носиме пациент во „Осми септември“ има десет луѓе кои чекаат, не значи дека тој ние што го носиме е најтежок, приоритет имаат со најтешка слика. Кога нема слободно место на пациентите им кажуваме дека нема слободно место, но ги носиме за да не не тужат. Многу лесно на телевизија има слободни места, но во пракса нема, рече Јукиќ за ТВ 24.

Како што гледаме, не е се под контрола како што убедуваат од министерството за здравство и министерот Филипче. Медицинскиот персонал, односно тие кои секојдневно се борат против вирусот и се во допир со пациентите го кажуваат токму спротивното, односно дека системот е пред крах и ситуацијата повеќе е неиздржлива.  Капацитетите се недоволни, мерките се смешни не даваат резултати, а како држава немаме ни масовна имунизација затоа што немаме вакцини.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk