logo
logo
logo

Македонка од Лариса за земјотресот: Беше морничаво!

Vecer | 03.03.2021

Македонка од Лариса за земјотресот: Беше морничаво!

Сега сме надвор, бидејќи тресе цело време. За време на земјотресот беше морничаво, прво бучеше, а потоа тресеше, раскажува Виолета Димкова, Македонка која живее во Лариса, во разговор со дописничката на МИА од Атина, по силниот земјотрес од шест степени што го погоди денеска централниот дел на Грција.

Димкова објаснува дека на централниот плоштад во Лариса има собрано луѓе, а во градот со оглед на тоа дека се тесни уличките, има заглавени возила.

– Многу беше морничаво. Тресеше многу, прво бучеше. Јас бев во автомобилот, во една од тесните улички и прво почна да бучи, мислев дека работи некој компресор, но почна да се ниша и автомобилот, се вртам и гледам зграда која буквално се тресе напред назад, раскажува Димкова за моментите кога се случи земјотресот со јачина  од шест степени според Рихтеровата скала.

[embed]https://youtu.be/reGp4KV-dtU[/embed]

Таа вели дека во делот каде што живее нема материјални штети, со исклучок на повисоките катови од зградите, а раскажува дека земјотресот особено ги исплашил соучениците на нејзините деца.

– Не ги пуштија децата да си одат, ги задржаа додека не дојде родител да ги земе. Утре нема да имаат настава. Децата биле многу исплашени, пет дури се онесвестиле од страв, додава Македонката која живее во Лариса.

Дополнителен проблем за жителите на Лариса и околните населени места беше и тоа што веднаш по земјотресот падна мрежата на мобилните оператори и целосно беа во прекин телекомуникациите и интернетот.

– Одев да ја земам ќерката од училиште и не можев да ја добијам. Немаше никаков сигнал, ниту пак интернет, објаснува Димкова во разговор со дописничката на МИА од Атина.

https://youtu.be/unGYhCrHdVo

Земјотресот се случи во 12: 16 часот по локално време со епицентар на 15 километри јужно од општина Еласонас во регионалната единица на Лариса, а беше почувствуван во повеќе делови на Грција, но и во Северна Македонија.

Во наредните 90 минути следеа уште 11 други земјотреси, од кои еден од пет степени, а осум над четири степени според Рихтеровата скала, согласно податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија.

Грчките сеизмолози за медиумите, велат дека сè уште не можат со сигурност да кажат дали земјотресот од шест степени беше и главниот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk