Граѓаните се сè поодговорни и редовно пријавуваат нерегуларности кога ќе забележат службени возила со новите препознатливи таблички на необични локации, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Граѓаните навистина се осмелуваат да пријават. Обично реагираат кога ќе сретнат такво возило на пазарче. За еден таков случај одговоривме дека се работи за возило на Општина Гази Баба, кое било таму за инспекторски надзор на Кванташкиот пазар. Исто така, имавме случај каде службено возило беше сликано пред еден од поголемите маркети во Скопје. Наша задача е да побараме одговор од самата институција за да се утврди дали навистина имало злоупотреба или возилото било на службена задача ‒ објасни Томовски.
Томовски, исто така, информираше дека службата веќе започнала со чистење на сопствениот возен парк од возила кои со години беа заборавени, посочувајќи дека само во рамките на СОЗР досега се расходувани повеќе од 100 возила кои со години стоеле нефункционални и правеле метеж.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата