logo
logo
logo

4.000 здравствени работници се пријавени за вакцинација, а вакцини досега само за пола од нив

Vecer | 16.02.2021

4.000 здравствени работници се пријавени за вакцинација, а вакцини досега само за пола од нив

Досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови.

Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина, веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

Првата вакцинацијата ќе се изврши со 4680 дози вакцини од производителот „Фајзер“, донирани од Србија. Со оваа пратка вакцини, имунизација ќе се споведува само во модуларната болница во Скопје. Со пристигнувањето на другите дози вакцини, ќе се врши дистрибуција низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови.

Како што најави вчера министерот за здравство Венко Филипче, вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението.

Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, и лица постари од 70 години.

Надлежните најавија дека до крајот на февруари се очекува да пристигнат кинеските вакцини.

Вакцинацијата против Ковид-19 во земјава почнува утре, и тоа најпрвин со вакцинирање на зравствените работници од Инфективната клиника во Скопје. Надлежните потврдија дека подготовките за масовното вакцинирање се во тек, а до крајот на месецов се очекува да пристигнат и кинеските вакцини.

Вакцинацијата ќе почне во среда во 10 часот, во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Министерството за здравство соопшти дека пунктот во модуларната болница каде има шест вакцинални позиции ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје. Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути.

Националниот систем до ковид-центрите низ државата во текот на вчерашниот ден испрати списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје. Ковид-центрите треба повратно да ги потврдат листите.

Според премиерот Зоран Заев, кинеската вакцина против Ковид-19 е во постапка на договарање и регулирање.

-Ветувањето е дека до крајот на февруари ќе стигнат вакцините. Секој ден за нас порано е важен, но додека се реализираат, имплементираат овие 4680 вакцини кои српскиот народ вчера му ги подари на македонскиот народ, ќе се дореализираат и останатите до 8000 вакцини, заради тоа што трипартитната спогодба меѓу нас, Србија и „Фајзер“ е за осумте илјади вакцини, посочи вчера премиерот.

Очекувањата се вакцините да стигнат, посочи тој, од крајот на оваа седмица, па се до крајот на следната седмица, кога завршува и месецов.

Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.

Голем дел од граѓаните се заинтересирани за вакцинирање против Ковид-19, покажува веб-страницата „Vakcinacija.mk“.

Заклучно со вчерашниот ден, на оваа страница за вакцинирање се пријавија вкупно 46.023 граѓани. Преку матичните лекари пријавени се 13.511 лица.

Веб страницата беше пуштена минатата недела, а на неа може да се пријави секој граѓанин со тоа што системот ќе биде тој кој ќе генерира кои граѓани ќе бидат приоритетни. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk