Семејството на градежната инспекторка од Куманово, уапсена за примање поткуп, незадоволно од досегашниот тек на постапката. Реагираат бидејќи не се прифатени гаранциите, и не се дозволува домашен притвор. Ги обвинуваат институциите за тортура. Жената велат има сериозни здравствени проблеми. Појаснуваат дека по трет пат е продолжен притвор, поради можно влијание на сведоци и бегство. Тие се незадоволни и бидејќи досега бил сослушан само еден сведок.
„Судијата 3 пати, незаконски го продолжува притворот и наместо мерката притвор да се користи како превентивна мерка во овој случај се користи како казнена мерка. Сите наши жалби и молби се држат со денови и недели и се манипулира со времето иако се работи за притворски предмет за кој по закон треба да се одлучува итно“, истакна Нена Трајковска, ќерка на осомничена инспекторка и додаде дека се работи за жена над 60 години, која никогаш претходно немала проблеми со закон, ниту пак некој од нејзиното семејство.
„Жена со многу хронични болести и која два пати е хоспитализирана за време на затворскиот притвор и за која две болници дале конзилијарно мислење дека во затвор нема услови за нејзино лекување. И во текот на вчерашниот ден мојата мајка беше однесена во болницата 8-ми Септември каде и се закажани дополнителни прегледи поради влошената здравствена состојба“, појасни Трајковска.

Од Основното јавно обвинителство од Куманово појаснуваат поради сериозноста на кривичното дело, одлучиле дека мерката притвор е неопходна. Со досегашната истрага велат се преземени потребните дејствија за да обвинителниот акт биде издржан.
Судењето против инспекторката од Општина Куманово треба да започне следната седмица.
Инспекторката беше уапсена на 1-ви ноември лани, откако зела обележани пари во ресторан, за да наводно не запре градбата на инвеститор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата