logo
logo
logo

23 октомври – Ден на Македонската револуционерна борба

Vecer | 23.10.2021

23 октомври – Ден на Македонската револуционерна борба

Фото: Музејската поставка за состанокот на шестмината идеолози Даме Груев, Иван Хаџи Николов, Петар Поп Арсов, Христо Татарчев, Андон Димитров и Христо Батанџиев во Музејот на македонската револуционерна борба

Во втората половина на деветнаесетиот век македонскиот народ ги живееше најтешките години од своето постоење. Иако Османлиската Империја беше во длабока криза, сепак меѓународната поставеност и околностите не создаваа можност за брзо решавање на македонското прашање во корист на македонскиот народ.  Македонците и понатаму останаа под османлиско ропство, национално, економски, културно и духовно обесправени.

Соседите во кризата на Османлиската империја гледаа можност за територијално проширување токму во Македонија. Тие ги засилија пропагандите со цел да обезбедат што повеќе приврзаници, да успеат да го превоспитаат народот и така да ги оправдаат своите територијални претензии.

Патот до успехот во пропагандата  главно го гледаа преку училиштата и црквата. Не се штедеа во отворање на училишта и плаќање на учители и штампање на литература, а уште помалку не се штедеа ниту во борбата за црковна превласт кај населението. Таму каде што се сметаа за послаби гледаа да се засилат преку репресии.

Македонскиот народ овој пат се најде пред уште еден предизвик. Покрај борбата за слобода сега во овие тешки услови требаше да го зачува националното ткиво од посегањата на соседните држави. Но, токму активноста на пропагандите ја обедини младата македонска интелигенција и ја создаде потребата за организација која освен што ќе се бори за слобода, ќе се бори против обидите за разнебитување  на македонскиот народ.

Бидејќи не ги чувствуваше за свои овие соседни пропаганди, кај народот се јави отпор против нивната активност. Отпорот токму започна во училштата кај младата интелигенција. Од бунтови до создавање на друштва кои ќе се спротивстават на туѓите влијанија.  Во еден од тие бунтови ќе се најдат и Даме Груев, Петар Поп Арсов и уште триесетина македонски ученици. Од гимназијата во Солун, па во Белград тие завршија во Софија, каде успеваат да се организираат во студентски и книжевни друштва чија главна цел беше ослободување на Македонија и борба против туѓите пропаганди.  И покрај забраната на овие друштва не замре идејата за создавање на револуционерна организација.

Даме Груев и Иван Хаџи Николов особено се истакнале во своите чекори за создавање на револуционерна организација. Хаџи Николов започнал средби со лица за кои сметал дека се подобни за оваа цел. Меѓу најподобните ги сметал Петар Поп Арсов, Христо  Батанџиев и Христо Татарчев.  Хаџи Николов остварил и средба со Гоце Делчев во кого гледал голем авторитет и на истата средба ги изнел идеите кои подоцна ќе станат начела на идната организација.

Во тој период Солун претставувал економски и културен центар на Македонија па условите кои ги нудел биле примамливи за македонските интелектуалци. Веќе од 1892 година таму прибежиште почнале да наоѓат лицата кои ја создадоа  Македонската Револуционерна Огранизација. Иван Хаџи Николов отворил книжарница, додека пак Христо Татарчев се вработил како лекар во Солунската егзархиска болница. За брзо време таму се нашле и старите познаници Даме Груев и Петар Поп Арсов, едниот како коректор во книжарница, другиот како учител во Солунската машка гимназија. Во идеите на Иван Хаџи Николов истомисленици гледал и во лицата на Христо Батанџиев, секретар во Солунската егзархиска црковна општина и Андон Димитров, наставник по турски јазик. Во меѓувреме Даме Груев успева да се запознае со Христо Татарчев кој го импресионирал со неговите идеи.

Наоѓајќи се во исто време и на исто место, одржувајќи меѓусебни средби прашање на време беше кога ќе се пресретнат и ќе ја создадат револуционерната организација.

На 21 октомври 1893 на солунскиот брег средба одржале Даме Груев, Иван Хаџи Николов и Андон Димитров каде отворено раговарале за потребата за создавање на револуционерната организација. Хаџи Николов ги предложил и Петар Поп Арсов, Христо Татарчев и Христо Батанџиев. За два дена била закажана уште една средба.

Сабота навечер на 23 октомври 1893 година во станот Христо Батанџиев се одржа состанокот на кој се роди Македонската Револуционерна Огранизација.

Шестмината идеолози Даме Груев, Иван Хаџи Николов, Петар Поп Арсов, Христо Татарчев, Андон Димитров и Христо Батанџиев на средбата разговарале за положбата на Македонија и итноста од превземање на акција. На средбата биле искажани и петте начела врз кои ќе се темели не само Македонската Револуционерна Органзацијата туку и целокупната борба на македонскиот народ:

  1. Организацијата да е тајна и револуционерна.
  2. Нејзината територија да ја сочинува само Македонија во нејзините географски и етнографски граници, поради што ќе се нарекува Внатрешна.
  3. Во неа ќе членуваат родени и лица што живеаат во Македонија без разлика на вера и народност.
  4. Политичките верувања на организираните Македонци е автономија на Македонија.
  5. Да се чува самостојноста на организацијата за да не падне под влијание на политиката на соседните држави

Иако конкретното конституирање на организацијата било на 5 јануари 1894 година, сепак  средбата од 23 октомври 1893 кога се роди идејата и се искажаа начелата по кои ќе ја водат борбата, се смета за ден на основање на Македонската Револуционерна Организација, а ние денес го славиме како Ден на Македонската револуционерна борба.

Организацијата за брзо доживеа подем и ја разви револуционерната мрежа како и врски со внатрешноста на Македонија и македонската емиграција. Покрај внатрешната структура, постави и надворешно претставништво кое покрај тоа што ќе ја претставува ќе ги одбива и туѓите посегања.

Имајќи ги предвид условите  и времето кога се создаде, организацијата успеа да влијае на масите и да создаде авторитет кај народот кој во неа гледаше поткрепа и водилка против тешките услови и борбата за слободен живот, борба за еднаквост и сопствена држава. Токму затоа во  весникот Право јасно беше истакнато:

Внатрешната револуционерна организација ќе му даде на секој да реазбере дека работи за единството и независноста на Македонија, како слободна држава на Балканскиот полуостров. Таа организација, давала и во иднина ќе дава докази дека не е агент на никоја од балканските држави, туку агент само на македонската слобода и независност. Со таквите докази таа постепено ќе ги остранува племенските разлики во Македонија и ќе го организира идниот, ако и разнобоен, но способен да се самоуправува мирно и тивко, македонски народ

Покрај сите пречки организацијата успеа да го организира народот и да го доведе до светол момент како Илинденското востание кога за прв пат после петвековно ропство се создаде слободна територија на овие простори. Иако Крушевската Република не  траеше долго, во македонскиот ген остана всадена идејата, стремежот, борбеноста и пожртвуваноста за слободата, за татковината.

Македонското Револуционерно движење успеа да изврши влијание за поставување на македонското прашање кај меѓународната јавност и дипломатијата. Најголемите светски медиуми пишуваа за појавата и активностите на македонската револуционерна организација.

Идеите и целите кои на 23 октомври ги поставија шестмината храбри Македонци, ќе го водат македонскиот народ низ сите години се до нивната реализација. Идеја за слобода, еднаквост и сопствена држава со македонскиот народ ќе биде водич низ сите понатамошни борби. Таа го следеше народот низ Балканските војни и Првата Светска Војна. Бројни организации со различни имиња се повикаа на Македонската револуционерна организација, а името ВМРО ги поврзува. Сите во себе ја имаа основата од 23 октомври 1893 година.

Идеите на македонските револуционери беа надраснати во Втората Светска Војна кога македонскиот народ се избори за еднаквост и создаде држава, а низ целата борба македонските партизани се повикуваа на борбата која ја постави организацијата, се повикваа на хероите кои ја одбележаа организацијата и оставија траен белег во македонската историја.

Стремежот на македонските револуционери за слобода и сопствена, независна држава конечно се реализира на 8-ми Септември 1991 кога македонскиот народ создаде сопствена, суверена и независна држава. Но тоа што не доведе до 8-септември 1991 започна на 23 октомври 1893 година.

Да го немавме 23-ти октомври 1893 година кога се создаде Македонската Револуционерна Организација, немаше да ги имаме Илинденското востание на 2-ри август 1903 година, ниту Меакедонското востание на народноослободтелната борба од 11-ти октовмри 1941 година, ниту АСНОМ од 2-ри август 1944 кога се конституира македонската држава, а прашање е дали и ќе го имавме и 8-ми септември 1991 година.

Таа ноќ во Солун на 23-ти окомври 1893 година се поставија темелите на македонската борба за слободна, независна и суверена македонска држава. Затоа денес се поклонуваме на подвигот на шестмината храбри македонски интелекуалци чија љубов кон татковината на македонскиот народ му ја всади идејата пожртвувано да се бори против неправдите, да се бори за слобода и за сопствена и независна држава.

Пишува: Александар Трајаноски за клуб на млади историчари

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk