Пред 50 годишниот јубилеј, Вечер постигна рекорд

15.000 пати по ред без прекин!

Денеска е 15.000 број на дневниот весник Вечер издаден во континуитет, без прекин веќе 49 години. Тој е единствениот дневен весник во Македонија кој го постигна ова. Со постојаното надоградување на постоечкиот систем поставен од претходните Главни уредници, Вечер е еден од ретките медиуми во Македонија кој постојано вложува во едукацијата на своите вработени, како резултат на што имаме најголем број на Магистри меѓу новинарите кои знаењето го стекнаа на светски Универзитети. Ставајќи го читателот на прво место, Вечер е весник со најголемо влијание во Македонија и како таков е најрелевантен извор на информации од земјава во регионот, што не е случај со останатите дневни изданија. Во 2013 година Вечер ќе го прослави 50-годишниот Златен јубилеј. Аирлија!

По земјотресот од 26 јули 1963 год "Нова Македонија" излегуваше под вонредно тешки услови - без употреблива зграда, во дворот на Клубот на пратениците под шатор, а потоа и во дворот на сопствениот мошне оштетен објект. Социјалистичкиот сојуз донел одлука да се покрене издавање нов дневен весник - весник за Скопје - бидејќи има огромна потреба да се регистрира целокупната обнова на градот, да се пишува за солидарноста. Отпрвин се работеше под "ведро небо" , кадарот беше од Редакцијата "Нова Македонија" која одвои десетина квалитетни новинари.

Основоположници на новиот весник беа Панче Михајлов, Јордан Ивановски, Милчо Коцев, Борис ПОП Ѓорчев, Мирко Миронски, Славко Маринковиќ и Цветан Станоевски.
На 11 Ноември 1963 година излезе од печат првиот број на првиот вечерен катадневен информативен весник на НИП "Нова Македонија" - ВЕЧЕР наменет за брзо, кусо и јасно информирање за се она што се случува кај нас и во светот.

Првиот број на ВЕЧЕР е отпечатен на 16 страници - половичен формат од стандардниот формат на Нова Македонијаа. Во првиот број на ВЕЧЕР се објавени вкупно 82 текстови и 31 фотографија. Првиот новинарски состав беше составен од 35-мина вработени.


Како карикатуристот Дарко Марковиќ ја виде работната атмосфера во ВЕЧЕР 1964 год

Ексклузивна изјава на нобеловецот Иво Андриќ за првиот број на ВЕЧЕР:
"Со Среќа
Веста за земјотресот во Скопје ме стигна далеку од земјата и на малку чуден начин. Бев на север на Шведска, далеку над поларниот појас, во рударскиот центар во градот Курина.
Попладнето ме повика на телефон тамошниот дописник на еден стохломски весник. Извинувајќи се, ми рече дека сака да разговара со мене за - Скопје. Бидејќи ништо не знаев за она што се случило, тој со големо внимание ми ги соопшти сите оние први и непотврдени вести. Бев толку поразен, и толку збунет што не знаев што да му кажам. Пред да успеам да се соземам, почнав да добивам нови телефонски покани од други новинари. Вестите беа страшни. Градот е срамнет со земја. Бројот на мртвите околу сто илјади. И слично.

Настојував да им кажам што повеќе за Македонија и за нејзиниот главен град. Кога останав сам, веднаш помислив утре со првиот авион да се вратам во земјата. Тешка беше таа ноќ на далечниот Север, полна со неизвесност и мачни мисли. Во сеќавањето постојано си ги претставував Скопје, неговите улици и најубавите згради во нив. Пред очи ми излегуваа редум лицата на моите другари скопски писатели. Се прашував што се случило со нив. Се ми изгледаше како неподнослива загуба, како подмолен удар на судбината, која паѓа толку потешко, колку што човек е подалеку од својата земја. Вистински кошмар.

Утредента добив телефонска врска со нашата амбасада во Стокхолм. Разговорот малку ме успокои.

На враќање се задржав во Данска, во Копенхаген. Тука имав можност во нашата амбасада да се сретнам со дански писатели, новинари и уметници. Најмногу се зборуваше за Скопје. Настојувавме да им објасниме што значи за нас Македонија и нејзиниот главен град, какви се' културни напори вложи тој народ во ослободителната војна итн итн.
Морам да кажам дека сите луѓе, културни работници и новинари со кои доаѓав во допир во Шведска и Данска покажуваа големо сочуство со внимание и разбирање слушаа податоци за Скопје и неговите загуби и им даваа место во своите весници, на радиото итн. Сите сакаа да му помогнат на Скопје. И навистина помогнаа морално и материјално.
Сето тоа дејствуваше како олеснение во тие неколку мачни денови на враќање во земјата".


Сите досегашни главни и одговорни уредници со замениците:
Прв главен и одговорен уредник беше Панче Михајлов од 1 октомври 1963 до 1 јуни 1965 година.
Заменик Јордан Ивановски а потоа Милчо Коцев.

Јордан Ивановски раководеше со ВЕЧЕР од 2 јуни 1965 до 6 октомври 1970 година.
Заменици Милчо Коцев и Борис ПОП Ѓорчев

Милчо Коцев беше третиот главен и одговорен уредник од 7 октомври 1970 до 14 февруари 1974 година. Славко Маринковиќ а потоа Гроздан Попов.

Мирко Миронски во три мандати беше главен и одговорен уредник на ВЕЧЕР. Прв пат беше именуван на 15.02.1974 и функцијата ја извршуваше се до 23.03.1986 година.
Заменици Бранислав Калеников а потоа Душко Стрезов.

Бошко Нацевски од 26.03.1986 до 13.07.1988 година.
Заменик Душко Стрезов.

Гоце Контевски од 13.07.1988 до 1.03.1989 година.

Златко Блаер 01.03.1989 до 31.07.1990 год.
Заменик Александар Ивановски.

Александар Ивановски најпрво кусо време беше в.д. главен и одоговорен уредник (од 22.05.1990) а именуван главен и одговорен уредник од 19.01.1991 до 31.12.1992 год.
Заменик Стојан Насев

Стојан Насев од 24 јуни 1993 година до 1998 година.
Заменик Тодор Наумчевски.

Горан Михајловски од 1998 - 2000.
Заменик Тодор Наумчевски.

Владимир Тулевски мај 2000- декември 2000.

Зоран Димитровски 2001-2002.
Заменик Дарко Јаневски.

Димитар Ѓузелов 2002-2003.
Заменик Маријан Велевски.

Владимир Тулевски 2003-2005 мај.
Заменик Предраг Димитровски.

Предраг Димитровски мај 2005-2006 февруари.

Драган Павловиќ - Латас февруари 2006
Заменик - Ивона Талевска

Поврзани

Најнови вести

Коментари