logo
logo
logo

Боцевски

Комисијата во предворјето на пеколот

Vecer | 20.08.2022

Комисијата во предворјето на пеколот

Зошто членовите на македонскиот дел на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Бугарија и Македонија се жртвени јагниња на политиката?

Ќе морам да се спротивставам на веќе создадената претстава во македонската јавност за македонските стручњаци од меѓувладината комисија. Тие не се ниту предавници, ни изроди, ни одродници што одлучиле да ја побугарат целата македонска историја и да ги одмакедончат македонските учебници по историја, географија и граѓанско образование. Ниту, пак, се некомпетентни, необразовани и нестручни.

Најмалку, пак, се среброљупци што за „30 сребреници“ се откажале од своите кариери, од своите колеги и од македонската историографска школа каде што се граделе низ години и каде што и понатаму ќе продолжат со својата дејност.

Членовите на македонскиот дел на меѓувладината историска комисија немаа никогаш никаква шанса против политиката. Не се сомневам дека тие влегле во целата работа со отворен ум и со желба навистина да се влезе искрено во размрсување на заплетканите црева на македонско–бугарската историја.

Меѓутоа, беше јасно уште на самиот почеток дека Драги Ѓоргиев, Љупчо Ристески, Петар Тодоров, Дарко Стојанов, Исамедин Азизи, Љубица Спасковска и Огнен Вангелов, а претходно и Ванчо Георгиев и Александар Литовски, едноставно имаат „дијалог на глуви“ со бугарскиот дел од меѓувладината комисија.

Од македонска страна станува збор за историчари, антрополози и политолози што зборуваат со речникот на најсовремената историографија, антропологија и политологија и кои одамна критички ја препрочитуваат македонската национална историја, никако со намера да ја побугарат, одродат или искривоколчат, туку како најнормална генерациска обнова на историската наука што се случува во секоја историографија и во секоја држава.

Сознанијата од работата на глобалната историографија, напредокот во научните методи не само на историската наука туку и на културната антропологија, социологијата, политологијата, економската наука, демографијата, лингвистиката, археологијата, па дури и на форензиката, медицината и инженерството, овозможуваат научниците повторно да се нурнат во минатото и да ги преиспитаат наодите на претходните генерации историчари, да фрлат ново светло на историјата и да ги вметнат новите наоди, сознанија и откритија во националната приказна.

Впрочем, би сакал да прочитам еден критички осврт на некој македонски историчар, или група историчари, каде што ќе се анализираат разликите помеѓу сите изданија на „Историјата на македонскиот народ“ од Институтот за национална историја.

Таму јасно ќе се види како секое ново издание на ова капитално дело за македонската историја секогаш е нов триумф за македонската историографија, но и своевиден пресек како македонската нација се гледа себеси во огледалото во тој даден историски момент. Токму од овие методолошки позиции, македонскиот дел на меѓувладината комисија влезе во сложената тематика на македонско–бугарскиот дијалог околу „заедничката историја“… и тоа беше нивната кардинална грешка и непремостлива фалинка во самото срце на процесот.

Проблемот на овој македонски состав на меѓувладината комисија, но и на кој било друг состав во овој момент е двостран. Од една страна тие ја имаат бугарската национална политика кон Македонија, а од друга страна ја имаат владата на Заев, било да станува збор за „оригиналната верзија“ предводена од него или, пак, за оваа „итерација“, навидум предводена од Димитар Ковачевски.

За Бугарите беше јасно од самиот почеток. Во време на претседателствувањето на Ѓорге Иванов и владите на Никола Груевски се започна со усогласување на текстот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Работата запна на неколку точки каде што македонските институции, поточно македонската дипломатија, МАНУ, УКИМ и ИНИ, препознаа неискрен пристап од бугарска страна. Во архивите на македонските институции се наоѓаат јасни анализи дека Бугарија има задни намери да го користи Договорот, а посебно меѓувладината комисија, како инструмент за бугаризација на Македонија, во согласност со бугарската национална стратегија.

Во Софија постои консензуален став, од кој не отстапиле ни Желев, ни Стојанов, ни Прванов, ни Плевнелиев, ни Радев, а ни Димитров, Виденов, Костов, Сакскобурготски, Станишев, Орешарски, Борисов или Петков, вклучувајќи ги и сите преодни премиери и серијата министри за надворешни работи на Бугарија со кои што се соочија владите од Скопје низ годините на македонската независност.

За Бугарија, ние, Македонците, сме одродени Бугари, со измиени мозоци од тоталитарна комунистичка Југославија на Тито, па демократизацијата и европеизацијата на Македонија ќе биде заокружена кога Македонците ќе станат „македонци“ со мало „м“, односно регионален идентитет во бугарската нација.

Меѓувладината историска комисија е само еден инструмент за постигнување оваа стратегиска бугарска национална цел. Затоа составот на комисијата од бугарска страна има само еден член што поаѓа од истиот агол како и македонските стручњаци од нашиот дел на комисијата.

Но тој е таму само како декор. Јадрото на бугарскиот дел од комисијата се политичари и историчари–политичари, самоповикани национални дејци, кои настапуваат токму од тие позиции – бугаризација на Македонија, преку целосно наметнување на бугарскиот национален наратив во сите учебници по историја, географија и граѓанско образование во Македонија.

Знам дека нам ни изгледа целосно налудничаво и надвор од секоја здрава памет, но Бугарите навистина мислат дека „како што Тито нè ’македонизирал’ и одродил од бугарската национална свест со употреба на југословенскиот тоталитарен комунистички апарат“, така сега тие повторно ќе нè побугарат, но преку вистинска демократизација и декомунизација.

Значи, македонскиот дел и бугарскиот дел на заедничката историска комисија не зборуваат на ист јазик (тука мислам на јазикот на современата историографија и на современите општествени науки), немаат ист пристап кон работата и имаат дијаметрално различна цел. Значи, станува збор за „дијалог на глуви“, каде што едната страна сака искрен дијалог, а другата страна го освојува просторот.

Но тоа го знаеле членовите на комисијата од македонската страна кога влегле во работата на комисијата. Нивниот проблем е тоа што сметале дека ќе ја имаат целокупната поддршка на македонскиот државен апарат во дијалогот со бугарскиот дел од комисијата, но и дека ќе може да се потпрат на сите македонски национални институции и на целото македонско општество. Тука е нивниот втор и клучен проблем.

Тоа што македонските стручњаци од македонскиот дел на меѓувладината историска комисија не го знаеја е фактот дека Зоран Заев влегол во пакт со ѓаволот далеку пред почетокот на „шарената револуција“, зел обврски кон Грција, Бугарија, ДУИ, и којзнае уште пред кого, а со печат и верификација на „повисоките од надвор што ме спремаат“ (негови зборови).

Долго време и тие, а и многумина личности со авторитет од Македонија мислеа дека зад политиката на Заев се крие грижливо изработена стратегија во „длабокиот СДСМ“, усогласена најмалку со Вашингтон, Брисел и Лондон, дека Македонија внатрешно ќе се стабилизира, дека ќе ги реши проблемите со соседите, без задирање во идентитетот и државноста, а и дека ќе ги унапреди меѓуетничките односи помеѓу Македонците и Албанците во самата Македонија, со цел да се надмине проектот за „лазечка федерализација“ на Али Ахмети.

Сето ова беше само една фатаморгана што Заев успешно им ја продаде на тие што гласаа за него и за тогашниот СДСМ, јас и мнозинството од македонскиот народ не верувавме никогаш во овие измислици, а и за најголемиот дел од неговите некогашни поддржувачи сите дилеми се расчистија по неговото фамозно интервју за БГНЕС од ноември 2020 година.

Заев немал никогаш никаква стратегија, туку нè предавал и нè продавал, буквално за тие јудини 30 сребреници, само за да се докопа до власт, до амнестија за сите криминали и до шанси за ново богатење по принципот „едно евро за Вицето и уште едно евро за црквата“.

Владата на Заев од самото нејзино основање го умртви целиот државен апарат и ги онеспособи сите национални институции. Веќе нема никаков сомнеж дека тој се согласил на максималистичките грчки барања во Преспанскиот договор, а дека ништо не му значи македонската историја, култура, идентитет, посебност и традиција. Оваа сеопшта бугарска офанзива не е случајна, туку е одамна договорена од Заев.

Впрочем, дури сега конечно откривме што се крие зад неговите изјава дека „се усогласивме за пет историски личности“ и „усогласивме три историски периоди“. Да немаме никакви заблуди и во тврдењето дека меѓувладината историска комисија работи без притисоци и насоки од македонската политика.

Што е интервјуто на Заев за БГНЕС од ноември 2020 година, освен притисок врз комисијата и детонација на сите потпорни столбови на македонската историографија, што се изјавите на Ковачевски, Маричиќ и Османи дека „треба да се гледа кон иднината, а не кон минатото“, што е усвојувањето на предлогот Ковачевски – Петков во Собранието од 19 јули 2022 година, што беше изнасиленото носење на Драги Ѓорѓиев во Софија, како дел од државните делегации, што е последната изјава на министерката Бисера Костадиновска–Стојчевска со најава за цензура кон сè што не е во согласност со бугарските барања?

Јас сум бил предолго во политиката и треба да се знае дека притисоците ретко доаѓаат во форма на директен разговор со политички моќник, туку тие се согледуваат како дел од амбиентот што политиката го создава, а насоките врвните политичари ги даваат со нивните јавни настапи и интервјуа.

Нека не нè лажат Заев, Пендаровски, Ковачевски, Маричиќ и Османи дека овие препораки сега ќе бидат предмет на некаква дебата. Тие самите сега ќе се тркаат кој побрзо ќе ги спроведе токму онака како што Бугарите посакуваат, па потоа ќе се фалат пред „меѓународната заедница“ дека тие „испорачуваат“, без никакво чувство дека го поништуваат македонскиот идентитет и посебност, ја бришат македонската историја и ја загрозуваат македонската државност.

Па така, Македонците треба целосно да ја исклучат антиката од своето културно наследство, но Бугарите нема да отстапат ниту милиметар од нивната идентификација со Тракијците, со Спартак и со антиката во „бугарските земји од Дунав до Бело Море и од Охрид до Црно Море“.

Исто така и Македонците ќе учат дека во средновековието не постоела национална свест, како што таа денеска се разбира (што одамна е докажано од современата општествена наука), но Бугарите ќе продолжат да учат дека „некаде во раното средновековие бугарската нација се хомогениризала на Балканот, па оттогаш дека патува низ историјата до ден–денес“, со исклучок на периодот по 1944 година кога нејзиниот „најромантичен дел“, Македонија, е откинат од матицата заради Коминтерната, Тито и југословенскиот комунистички тоталитаризам.

За мене најлогичен чекор на сите стручњаци од македонскиот дел на комисијата би бил тие да дадат оставка и да запре работата на ова тело. Во моментов македонско–бугарските односи се такви што нема услови за договор по ниту едно прашање. Потребна е прво детанта, повлекување на Бугарија од оваа политичка, културна и економска окупација на Македонија, отповикување на предлогот Ковачевски – Петков (попознат како „француски предлог“) и негово повторно преговарање.

Меѓутоа, постојат стравови дека таквиот чин на членовите на македонскиот тим ќе доведат до промена на составот на комисијата од македонска страна со нови членови, кои со светлосна брзина ќе ги помине сите бугарски предлози (ова е реален став, имајќи го предвид составот на актуелните македонско–грчки комисии основани по Преспанскиот договор, со исклучок на Далибор Јовановски, кој, секако, нема да се согласи на грчките ултиматуми).

Не смее да се дозволи стручњаците од македонскиот дел на комисијата да станат жртвени јагниња на погубната национална политика на Заев, а ни македонската општествена наука да влезе во сопствена граѓанска војна во овој момент на бугарска политичка, културна и економска агресија.

Се наоѓаме во предворјето на пеколот, ако веќе и не сме зачекориле внатре, па ајде заеднички да излеземе оттаму. Затоа сметам дека треба да се направи уште еден напор, последен напор, да им се помогне на членовите на македонскиот дел од комисијата. Тие треба отворено да ги претстават позициите од кои настапуваат на состаноците со бугарскиот дел од комисијата пред целата македонска јавност, пред МАНУ, УКИМ, Здружението на историчари и пред македонските интелектуалци и општественици, да брифираат за бугарските гледишта и отворено да кажат дека се против оваа злокобна атмосфера што ја создава владата и која им го загрозува нивниот научен, морален и личен интегритет.

Како и секоја друга заедница на Земјината топка, и македонскиот народ почива врз свеста за неговото заедничко минато и врз консензусот за неговиот споделен проект за иднината. Историските учебници се клучот за зачувување на свеста за минатото и потпорен столб на секоја заедница, па затоа мора да се одбрани македонската историографија по секоја цена.

Дури и да успее бугарската политика (и актуелната македонска влада) во својата намера да го наметне бугарскиот национален наратив во македонските историски учебници, тоа нема да го асимилира и бугаризира македонскиот народ. Но зарем во дваесет и првиот век треба допрва да се бориме за национална еманципација, за деколонизација, за национално ослободување, независност и суверенитет, кога веќе еднаш ги добивме овие битки во 1944 година? Европеизацијата не смее да значи одмакедончување на Македонија!

Ивица Боцевски

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk