Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска првпат учествува на состанок на НАТО во Брисел. Пред официјалниот состанок на ниво на министри за одбрана, Шекеринска се сретна со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

„Чест ми е и привилегија за мене и за мојата земја да бидам тука, за прв пат на НАТО министерскиот состанок. Тоа е доказ дека политичката храброст се исплати, дека промените се можни дури и на Балканот, дури и во времиња како овие. Тоа е и доказ дека не постојат смрзнати проблеми, туку единствено смрзнати решенија. Ќе ми биде привилегија да седам веднаш покрај вас, и покрај останатите колеги министри за одбрана“, рече министерката Шекеринска.

Столтенберг истакна дека му е голема чест што министерката Шекеринска денеска ќе учествува на министерскиот состанок во НАТО.

„Ова е голем момент за сите нас. Ние навистина го цениме прогресот кој го направивте, и без вашата лична посветеност, посветеноста на вашето лидерство и на вашата влада ние немаше да бидеме во можност да ве имаме тука, односно да ве поканиме на овој министерски состанок. Ова е еден голем ден и со нетрпение го очекувам денот кога ќе бидете наш полноправен член, штом заврши процесот на ратификација на пристапниот протокол кај сите 29 сојузници“, рече генералниот секретар Столтенберг.

 

извор: Makfax