Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, се обратија на националниот форум за здравство „За поздрав живот: патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во Република Северна Македонија“, кој во Скопје беше организиран од Светската здравствена организација (СЗО).

„Создавајќи сигурен и цврст здравствен систем, систем што за сите ќе нуди беспрекорни услуги, Република Северна Македонија истовремено исполнува една од 17-те цели за одржлив развој од агендата за одржлив развој 2030 година на Организацијата на Обединетите нации. Постигнување на целите што се содржани во целта за одржлив развој под број 3, која вели: ‘Обезбеди здрав живот и промовирај благосостојба за сите граѓани, на сите возрасти’ може да се направи исклучиво преку унапредување на превентивната здравствена заштита“, истакна премиерот Заев говорејќи за темата на денешниот форум.

Премиерот истакна дека фокусот на Владата е да обезбеди и гарантира што поквалитетна примарна здравствена заштита за сите граѓани.

„Годинава во буџетот за здравствена заштита се издвоени средства во износ од 30 милијарди денари, што во споредба со 2018 година е речиси две милијарди денари повеќе“, рече премиерот Заев.

За измените на законските регулативи како еден сегмент во настојувањата за подобрување на целокупниот здравствен систем и превенцијата и грижата за мајките и децата, старите и ранливите групи на населението како дел од примарната здравствена заштита, говореше министерот за здравство Филипче, кој пред аудиториумот на форумот ги изнесе и анализите од секундарната и терцијалната здравствена заштита како дел од севкупниот систем.

„Со добар систем за релативно кус период успеавме да ја намалиме смртноста кај новороденчињата. Условите на Клиниката за гинекологија и акушерство ги доведовме на ниво, каде што смртноста кај новороденчињата е намалена 8-процентни поени или од 25 на 18 отсто. Ги подобруваме условите секаде каде има деца на лекување, купуваме нова опрема, образоваме и вработуваме соодветен стручен кадар. Одобрена е набавка за осум мамографи во вредност од 85 милиони денари. Мамографите ќе се дистрибуираат во цела Северна Македонија, онаму каде што е најкритично и во руралните средини. До граѓаните ги доближуваме програмите за скрининг и превенција од рак на дојката и цервикален карцином“, информира министерот Филипче, кој истакна дека со поддршка на СЗО во нашата држава се спроведуваат низа процени на системот за спроведување на здравствените услуги со посебен фокус на примарната здравствена заштита.

На форумот, на кој беа презентирани резултати од истражувања, модели, како и услови за нивна интеграција и имплементација за примарната здравствена заштита во Република Северна Македонија, воведно обраќање имаше и Ханс Клуге, директор на одделот за здравствени системи и јавно здравје во рамките на Светската здравствена организација (СЗО).

извор: Makfax