logo
logo
logo

Во основата на локалитетот Стибера се македонски градби

Vecer | 25.06.2022

Во основата на локалитетот Стибера се македонски градби

Најновите истражувања на археолозите од прилепскиот завод и музеј им ги потврдија претпоставките дека во основата на градбите на античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп кој егзистирал од 3 и 4 век пред нашата до 4 век од нашата ера и е најпознат по мермерните статуи, се остатоците од македонски градби на последните македонски кралеви.

Како што објаснува археологот Душко Темелкоски кога дошла римската администрација урнати се старите македонски градби и со истиот материјал се градело. Пронајдени се остатоци од ѕидови.

– Годинава го пробивме подното ниво на административната зграда на римската Агора и дојдовме до остатоци од градби од македонскиот период, од времето на македонските кралеви. Досега од извори и движни наоди знаевме дека Стибера егзистира и во македонскиот период, но годинива, со тие остатоци од ѕидни градби ја потврдуваме претпоставката. За жал од тие ѕидови се сочувани тие темелни партии, зашто кога дошла римската администрација, Македонија како држава пропаѓа, урнати се старите македонски градби и со истиот материјал се подигнати овие јавни луксузни градби: храмот на богињата Тихе, заштитничка на Стибера, Агората, Гимназионот, Собранието, рече Темелкоски.

Со годинашниве истражувања, иако мали по обем, се наиде на тие градби од македонскиот период и се најдени многу интересни движни предмети, наоди. Меѓу нив е и калап со ликот на Херкул кој убива лав и е за теракотна релјефна претстава. На есен започнува конзервација.

-Наесен, во рамките на проектната програма на прилепскиот музеј, започнува конзервација на ѕидовите, на архитектурата на Агората и се надевам дека во три-четири кампањи, значи во три-четири години, зашто конструкцијата е потешка и поскапа, ќе се заврши процесот и Агората во Стибера ќе го добие изгледот кој го заслужува и заедно со соседниот храм на богињата Тихе ќе претставуваат репрезентативна целина за вљубениците на културниот туризам, вели Темелкоски.

Археолозите со години се соочуваат со голем проблем, дел од земјиштето е во приватна сопственост. Тоа државата треба да го реши, во спротивно археологијата и македонското културно наследство ќе загубат многу.

-Доколку во иднина не се реши прашањето за неколкуте парцели кои се во приватна сопственост, барем во опркужувањето, и не се земат во државна сопственост, мислам дека археологијата тешко може да функционира. Жителите од селото Чепигово даваат дозвола да ископуваме во нивните парцели, но по истражувањето, мораме наодите да ги засипиме и да ја вратиме претходната состојба. А конзервација не може да се прави се додека парцелите се во приватна сопственост. Имаме среќа што оваа градба, Агората, 90 насто е на државно земјиште. Државата, всушност, на неколку пати одговори на барањата на Музејот, но одговорот е всушност административен: парцелите може да се разменат само 1 спрема 1. Но жителите си го ценат имотот. Во спротивно многу губат археолошката наука и јавноста и Македонија која има голем културен потенцијал со локалитетот Стибера. Под земјата се кријат многу јавни, репрезентативни градби, зашто Стибера била значаен град во римското време од 1 и 2 век со 20 000 жители, со денешен еквивалент на преку 200 000 жители. Затоа губиме сите, објаснува Темелкоски.

Инаку, во Стибера која археолозите ја нарекоа „македонска Помпеја“  сѐ уште се чека да се откријат луксузните живеалишта и некрополата. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk