Во Боцвана се удавиле 400 биволи кои бегале од лавови

Стотици биволи се удавиле во река на границата меѓу Боцвана и Намибија. Според првите информации, се чини дека за инцидентот се виновни лавов кои го потерале стадото кон реката, објавија властите во Боцвана, а пренесе Би-би-си.

Сопственикот на локален имот за Би-би-си рекол дека биволите нашле на пречка бидејќи речниот насип бил превисок за да излезат од водата. Тој кажал дека никогаш не слушнал да се удави толку големо стадо на биволи. Властите во Боцвана проценуваат дека настрадале околу 400 животни.

Симоне Мичелети, сопственик на дом на намибискиот брег на реката, изјавил дека стадото било невообичаено големо и броело околу 1 000 биволи. Мичелети додал дека во вторникот навечер слушнал лавовски рик. Исто така рекол дека времето било облачно, без месечина, па биволите немале никаква прегледност во мракот.

Министерството за заштита на животната средина во Боцвана во својот извештај објави дека масовниот помор во реката Чобе не е невообичаен, но Мичелети смета дека бројот на мртви биволи е превисок. За споредба, во најголемото давење на вакви животни, на кое тој бил сведок, настрадале околу педесетина биволи.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари