logo
logo
logo

ВЕЛИКА САБОТА, денот меѓу смртта и воскресението

Vecer | 01.05.2021

ВЕЛИКА САБОТА, денот меѓу смртта и воскресението

Денес е Велика Сабота. Сабота, значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник. Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста.

Велика Сабота е ден од Страдалната Седмица. Велика сабота е посветена на споменот на пребивањето на Исус Христос во гробот и Неговото слегување во адот.

Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Овa е втор ден на христијанската жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој. Сабота е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Христовата Мајка- Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, го оплакувале Исуса Христа.

На овој ден се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот.

Во Македонија некои на Великата сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна.

Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце.

На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат.

На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk