logo
logo
logo

Велика Сабота, денот помеѓу распнувањето и радоста - ОВА СЕ ОБИЧАИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Vecer | 30.04.2021

Велика Сабота, денот помеѓу распнувањето и радоста - ОВА СЕ ОБИЧАИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Велика сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста.

Денот е посветен на на споменот на пребивањето на Исус Христос во гробот, и Неговото слегување во адот. Тоа е ден на покојот, втор ден на христијанската жалост, тага и молк.

На Велика Сабота во текот на денот се прават последните подготовки за празникот, а вечерта се очекува долгоочекуваниот празник. Во Радовиш, како што запишала Зорка Делиниколова на Велика Сабота имало голем пазар. Селаните од сите околни села доаѓаат на пазар во градот носејќи со себе многу стока за празникот. За Велигден секој (и најбедните) купуваат јагне или повеќе месо од кое приготвуваат разни јадења.

Работата околу приготвувањето на велиденските јадења ја извршуваат жените, кои понекогаш од многу работа не легнуваат до полноќ.

Околу полноќ, пред 12 часот, домаќинката ги разбудува сите домашни за во црква. На сите однапред им дава по едно јајце, свеќа, по едно зелено гранче или цвеќенце. Секој брза да дојде прв во црквата за да ја запали понапред од другите својата свеќа од попот, зашто таа свеќа ја носат дома и од неа си го запалуваат оганот.

Откога сите ќе ги запалат свеќите го чекаат попот и заедно со него пеејќи ја песната „Христос воскресе“ излегуваат на западната врата од црквата и свртуваат три пати околу неа. Потоа постарите остануваат во црквата за големата литургија и на крајот се причестуваат.

Помераклиите се к’цаат во црквата со јајцата и уште веднаш се омрсуваат со нив. Додека тртае литургијата обичај е да се отиде на гробишта каде се запалува свеќа со велигденската, оставаат црвено јајце и им се кажува на мртвите дека дошол Велигден.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk