logo
logo
logo

УТРЕ Е ПРОЧКА: Ова се обичаите во Македонија и што треба да правите

Vecer | 13.03.2021

УТРЕ Е ПРОЧКА: Ова се обичаите во Македонија и што треба да правите

Утре е Прочка,  според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.

Таа глетка е многу мила. Полнота на љубов и радост. Колку е благопријатно тоа чувство на проштевање и прегратка. Тоа ја облагородува душата и го поттикнува добродетелството. Тоа е рајска сцена и блажена состојба од душевната радост.

Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна. Секаде се одбележува овој празник меѓу македонскиот народ. Прочка, всушност, може да се нарече и наш празник, празник на македонскиот народ затоа што овој народ најмногу проштевал и проштева. Ние сме со духот на Прочка, со дух на проштевање. Кому сè не сме му простиле и што сè сме претрпеле и пак сме простиле.

Така сме правеле низ вековите, а така правиме и денес. Тоа е нашата евангелска определба. Таква е нашата душа. Таков е нашиот дух. Такво е нашето трпение и љубовта кон сите. Ваквиот христијански однос е вграден во нас, низ нашата вера и традиција. Така е воспитуван и така се воспитува македонскиот човек, усовршувајќи се во доброто.

Проштевањето е духовно миење. Тоа е очистување на душата, односно, очистување на две души одеднаш. Се ослободува и оној што пришол кон другиот и оној што простил. Првиот, за да му пријде нему, веќе му простил и му приоѓа со љубов и покајание, а тој се топи од силата и топлината на љубовта и му ја дава сета своја љубов и прошка. Двајцата се духовно радосни и весели. Бог се радува и ги благословува да останат во взаемната љубов и радост, правејќи си добро едни на други, со збор, помисла и дело

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Сите тие обичаи се добра семејна радост. Тоа го прави семејниот амбиент топол и мил. Другите, пак, забави по повод Прочка, кои претставуваат јавен настап и посебни претстави (маски и карневали), немаат црковна или верска порака. Тие содржат повеќе хумор и смеа кои се овосветски и земни, материјални димензии на човечкото празнување или испразнување.

Тие го празнат човечкиот дух, а не го полнат. Тоа се пагански остатоци од претхристијанското време, со некои нови примеси за забава. Убаво е и тоа и добра е таа традиција, ама не такваа каква што е, туку, ако претставува парада и промоција на нашата кутура, музика, уметност и вера.

Таа да биде јавен настап на улиците и плоштадите, со претставување на делата полни со мотиви од нашата вера и култура. Да се види тој израз во нашата преубава македонска носија, во уметничките ракотворби, во постигнатите дела, во преубавата песна и во нашето оро со народната инструменталност. Да биде тоа претстава на градската музика и облека, платформа за убавите костими и тоалети, подиум со делата на македонскиот гениј и сето исполнето со богатството на убавината.

Таквата полнота на амбиентот ја облагородува душата и го полни духот со убавина и со добрина. Ете, тоа ни треба и тоа е манифестација на Прочка. Тоа е што го издигнува човекот повисоко, а не што го валка и што го урива надолу. Тоа треба да претставуваат тие излегувања на Прочка пред очите на луѓето и пред очите на Бога.

Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал. Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нешето очистување со постот – духовно и телесно.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk