Докторот Монсеф Дахман, кој ја примил принцезата Дајана по трагичната сообраќајна несреќа, конечно раскажал се за кобната ноќ.

– Спиев во просторијата за одмор кога дежурниот анестезиолог ме разбуди и ми рече дека имаме итен случај, рекол докторот и додал дека во тој момент не знаел за кого се работи.

Принцезата веднаш била однесена на рендген при што се востановило дека има опасно внатрешно крвавење.

– Во тој момент се уште не знаевме која крвна група е, па прими единица нулта. Некаде околу два часот после полноќ доживеа и втор срцев застој, рекол.

Состојбата на принцезата била мошне сериозна, а таа била во критична состојба и бил потребен итен зафат, кој со оглед на тоа дека немало време да се префли во операционата сала бил изведен на лице место. Тогаш било откриено дека и е оштетена срцевата обвивка.
– Направив се за да може да дише, срцето не и работеше како што треба затоа што не добиваше доволно крв. Знаевме дека ни е потребно чудо. Дојде и најдобриот француски кардиохирург, рекол и додал дека било утврдено оти е скината горната лева белодробна вена, на местото каде што се спојува со срцето.  Успеале да го санираат оштетувањето, но веќе било доцна.

 

– Се боревме, се пробавме. Болницата е еден од најдобрите ургентни центри во Франција. Сме успевале да спасиме луѓе во многу полоша состојба од нејзината. Но ете неа не успеавме, додал.

Таа ноќ вели нема да ја заборави, како ниту бизарниот момент кој се случил следното утро.

– Дури следното утро забележав дека кломпите ми се крвави. На нив беше крвта на принцезата. Не бев стигнал да ги исчистам. Ми пријде човек и ми рече дека сака да ги купи зашто на себе имале „сина крв“. Фасцинантно е до каде се спремни да одат луѓето, заклучил докторот.