logo
logo
logo

СУРОВО ЗАПРЕНА ЉУБОВ СО 130 КУРШУМИ: Биле најпознатата криминална двојка на сите времиња

Vecer | 23.05.2022

СУРОВО ЗАПРЕНА ЉУБОВ СО 130 КУРШУМИ: Биле најпознатата криминална двојка на сите времиња

Убивале, киднапирале, краделе, ограбувале. Нивните имиња станаа синоним за Големата депресија која владееше во САД во 1930-тите.

Тогаш генералниот став на граѓаните на САД бил против Владата, па тоа го искористиле Бони и Клајд. Се разбира, митот ретко е сличен на реалноста. Било лесно да се преувеличи нивната приказна бидејќи тие биле млад, заљубен пар кој бегал од законот на отворен пат. Поради Клајд и неговото импресивно возење автомобил, често успевале да и побегнат на полицијата во последен момент, додека поезијата на Бони ги освојувала срцата на многумина. Две години поминале во заеднички криминални активности. Најголем дел од времето го поминувале во украдени автомобили.

Живееле од парите од ограбените продавници, бензинските пумпи и ретко од банките. Интересно е што никогаш не успеале да извадат многу пари од банките. Навистина, тие убиле тринаесет луѓе, но во исто време киднапирале полицајци и цивили и неповредени ги пуштале со милји подалеку. Дури и им давале и пари за да се вратат дома. Како да биле во авантура, се забавувале кршејќи го законот.

 

Животот пред криминалните авантури на тркала

Бони Елизабет Паркер е родена на 1 октомври 1910 година во Ровена, Тексас, како второ од трите деца на Хенри и Ема Паркер. Нејзиниот татко бил ѕидар и семејството успевало да живее од неговата плата. Сепак, тој починал кога Бони имала само четири години и семејството се преселило кај мајката на Ема во предградието Далас, Тексас.

Според приказните, Бони била преубава. Хармонична градба и руса коса. Била одлична ученичка и сакала да пишува поезија. Сепак, била уморна од нејзиниот просечен живот. Го напуштила училиштето на 16 години и се омажила за Рој Торнтон. Бракот не бил среќен и Рој поминувал многу време надвор од куќата. Во 1929 година бил уапсен за грабеж и осуден на пет години затвор. Тоа бил последен пат кога Бони го видела. Никогаш не се развела. Додека Рој бил отсутен, Бони работела како келнерка, но била отпуштена во 1929 година, непосредно пред почетокот на Големата депресија.

Клајд Честнат Бароу е роден на 24 март 1909 година, во место во близина на градот Телико, Тексас, како петто од седумте деца на Хенри и Ками Бароу. Семејството било многу сиромашно. Биле кираџии, а нивните родители работеле како земјоделци. Клајд често бил испраќан да живее кај роднините бидејќи неговите родители немале доволно пари да го прехранат семејството. Кога наполнил 12 години, семејството Бароу се преселило во Западен Далас, каде таткото на Клајд отворил бензинска пумпа. Крајот бил суров, тежок за живот, Клајд и неговиот брат Марвин „Бак“ Бароу честопати имаа проблеми со законот поради кражба на мисирки и автомобили. Клајд имал две сериозни љубовни врски (Ен и Гледис), но никогаш не се оженил.

 

Судбинската средба на Бони и Клајд

Според легендата, Бони и Клајд се запознале во јануари 1930 година во куќата на заеднички пријател. Според очевидци, си се допаднале. Две недели по запознавањето, Клајд е осуден на две години затвор за неговите претходни криминални дела. Бони била скршена. Клајд побегнал од затвор со пиштол што Бони му го прошверцувала. Една недела подоцна, бил повторно фатен и осуден на 14 години во затворската фарма Истхам, која се сметала за брутален, суров затвор во близина на Велдона, Тексас. Таму животот на Клајд бил неподнослив.

Првото убиство го извршил во тој затвор бидејќи до смрт претепал еден затвореник кој сексуално го злоставувал неколку пати. Мислејќи дека ќе биде префрлен во друг затвор доколку се покаже дека е физички неспособен, тој побарал од друг затвореник да му ги отсече двата прста на нозете. Иако тоа не му помогнало, Клајд добил предвремена условна слобода од непознати причини. Кога бил ослободен со патерици во февруари 1932 година, тој се заколнал дека повеќе би сакал да умре отколку да се врати на тоа место.

 

 

Заеднички криминални почетоци

Бидејќи владеела Големата депресија и било тешко да се најде работа, веднаш штом му зараснала раната, Клајд повторно почнал да ограбува и краде. Бони му се придружила во еден од првите грабежи. Иако била во автомобилот додека се случувал грабежот, Бони била фатена и испратена во затворот Кофман во Тексас. Меѓутоа, набрзо била ослободена поради недостиг на докази. Друг учесник, пријателот на Клајд, Ралф Флуитс, исто така бил фатен. Одлежал некое време во затвор и никогаш повеќе не се приклучил на бандата Бароу. Додека Бони била во затвор, Клајд и неговиот пријател Рејмонд Хамилтон, во обид да ограбат продавница, непланирано го убиле сопственикот Џон Бачер. И покрај ова, Бони останала со Клајд.

Во следните две години, бандата Бароу правела лом во неколку американски држави - Тексас, Оклахома, Мисури, Луизијана, Ново Мексико итн. Паузирале во близина на границите за да можат брзо да избегаат бидејќи полицијата на една држава не смеела да ги премине границите на друга. Клајд често менувал и крадел автомобили. Многу добро ги познавал картите и сите споредни патишта. Тоа било причината што толку пати успеале да и побегнат на полицијата. Бони и Клајд ги посетувале своите родители на секои два месеци. Полицијата за тоа дознала дури подоцна поради изјавата на В.Д. Џонс, еден од членовите на бандата Бароу.

Рафали во Џоплин

Братот на Клајд, Бак бил ослободен од затвор во март 1933 година. Дотогаш, бандата Бароу извршила неколку убиства, ограбила неколку банки, многу продавници и бензински пумпи и украла неколку автомобили. Бони и Клајд изнајмиле стан во малиот град Џоплин, Мисури, за да се сретнат со Бак и неговата сопруга Бланш. По двонеделен престој таму, Клајд забележал два полициски автомобили паркирани во дворот. Следувале рафали. Исплашена, Бланш истрчала низ влезната врата. Бароу бандата убила еден полицаец, а друг тешко ранила. Бони, Клајд, Бак и В.Д. Џонс го стартувале автомобилот од гаражата и побегнале. По патот, тие забавиле да ја земат Бланш која сè уште трчала.

 

Полицијата во станот пронашла многу информации за бандата Бароу. Доказ од свадбата на Бак и Бланш, оружје, документите на Бак за условно ослободување, песната на Бони „Приказната за самоубиствениот Сал“ и неразвиени фото-филмови. Тие фотографии се најпознатите фотографии на Бони и Клајд денес. Сето тоа ги направи уште попознати и поинтересни. Подоцна, според Бланш Бароу, тимот, надевајќи се дека нема да биде откриен, често се засолнувал во природата каде што палеле оган и се капеле во студени потоци.

Во јуни 1933 година, додека возел низ Тексас, Клајд ги пропуштил предупредувањата за изградба на мост и превртел автомобил во провалија. Бидејќи избувнал пожар во автомобилот, Бони се здобила со сериозни повреди на десната нога (изгореници од трет степен). После тоа едвај трчала, а кон крајот на животот и едвај можела да оди. Потскокнувала на едната нога, или Клајд ја носел.

Рафали во Плејт Сити и Ајова, бегство од затвор

Следниот месец од истата година, Бони, Клајд, Бак, Бланш и В. Д. Џонс се сместиле во два апартмани во близина на Плејт сити, во државата Мисури. Правејќи врева им станале сомнителни на мештаните и на сопственикот на станот. Полицијата овој пат дошла поподготвена од претходниот пат. Еден час пред полноќ полицијата тропнала на вратата од станот. Бланш извикала: „Само момент да се облечам! Тоа му дало доволно време на Клајд да посегне по автоматската пушка и да почне да пука. Од двете страни почнале масивни рафали. Еден истрел го погодил Баку во главата.

Клајд успеал да ја собере бандата Бароу и сите пукајќи излегле од гаражата и влегле во автомобилот. Полицијата им дупнала две гуми и скршила стакло од вратата, при што на Бланш и било повредено левото око и останала трајно слепа. Во текот на ноќта застанале да купат завои и да ги сменат гумите. Пристигнувајќи во Ајова, еден од локалните фармери нашол крвави завои на патот и пријавил во полиција.

Локалната полиција собрала околу стотина полицајци, чувари и локални фармери. Вистинско чудо е што речиси сите членови на бандата Бароу го преживеале ова. Опколени од сите страни, рафали од куршуми летале на сите страни. Бак бил погоден неколку пати, а Бланш останала со него и набрзо била уапсена. Влегувајќи во автомобилот со Бони и В.Д. Џонс, еден куршум го погодил Клајд во раката и се удриле во блиско дрво. Сите тројца скокнале од возилото и почнале да бегаат, поминувајќи ја реката. Набргу потоа, Клајд украл автомобил од фарма. На тој начин повторно успеале да побегнат. Бак починал од повредите неколку дена по пукањето. Клајд бил застрелан четири пати. В.Д. Џонс се здобил со повреда на главата. По овој настан тој ја напуштил групата и не се вратил.

Бони и Клајд одморале неколку месеци, за во ноември истата година да се вратат на грабежите и кражбите. Живееле во нивниот автомобил за никој да не ги препознае. Тој месец, В.Д. Џонс бил фатен и потоа ја раскажал својата приказна во полиција. Повторно избегнувајќи полициска заседа каде што нивните семејства би можеле да бидат повредени, Бони и Клајд, поради одмазда, му помогнале на пријателот на Клајд, Рејмонд Хамилтон, да избега од затворската фарма Истам. За време на операцијата загинал еден чувар, а избегале и неколку затвореници. Еден од нив, Хенри Метвин, им се придружил на Бони и Клајд. Криминалните активности продолжиле со убиство на уште двајца полицајци на мотоцикли. Ова многу го налутило американскиот полициски систем.

 

Сурова смрт со 130 куршуми...

Полицијата склучила договор со таткото на Хенри Метвин дека на неговиот син ќе му биде простено се доколку ги предаде Бони и Клајд на властите. Хенри „по игра на случајноста“ се разделил од Бони и Клајд на 19 мај 1934 година. Знаејќи колку е блиска бандата Бароу со своите семејства, полицијата претпоставила дека Бони и Клајд ќе го бараат Хенри во куќата на неговиот татко Ајверсон, Ајви Метвин. Шест полицајци испланирале заседа. Го заплениле камионот на Ајви и го оставиле на пат кон неговата куќа во близина на Бенвил Париш, Луизијана, мислејќи дека озлогласениот пар ќе помине и ќе застане да видат што не е во ред со камионот. Токму тоа и се случило.

На денешен ден, 23 мај 1934 година, околу 9 и 15 часот наутро, Бони и Клајд застанале да го видат камионот на таткото на Хенри на патот. Клајд излегол да види што не е во ред, а Бони останала во автомобилот. Полицијата веднаш отворила оган. Бони и Клајд немале време да реагираат. Кон нив биле испукани околу 130 куршуми бидејќи полицијата „не сакала да ризикува“. Кога ситуацијата се смирила, виделе дека тилот на Клајд експлодирал, а на Бони и недостасувал дел од десната рака. Набрзо се собрало локалното население и почнало да собира „сувенири“ од местото на убиството.

Од парчиња стакло, чаури, до крвавите парчиња облека на Бони и Клајд. Според еден од полицајците, локален човек извадил џебен нож и почнал да му го отсекува левото уво на Клајд. Набрзо биле растерани. Телата биле однесени во Далас каде што јавноста можела да ги види. Иако Бони сакала да биде погребана до Клајд, биле погребани на различни гробишта според желбата на нивните семејства.

Бони првично била погребана на гробиштата Фиштрап, но во 1945 година нејзиното тело било пренесено на гробиштата Краун Хил во Далас. Клајд бил погребан на гробиштата Вестерн Хајтс во Далас до неговиот брат Бак.

 

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk