Средба Трамп – Путин во Маврово?!

Можна ли е нова средба помеѓу претседателите на Соединетите Американски Држави и Руската федерација, Доналд Трамп и Владимир Путин токму кај нас во Маврово? Доколку ваква средба се оствари, таа ќе биде втора по онаа во Хелсинки каде двајцата лидери дискутираа за светската безбедност, но и за наводното руско мешање во претседателските избори од 2016, настан за кој американскиот специјален обвинител Роберт Мулер води тековна истрага. Наводната блискост помеѓу двајцата лидери и трамповото оддалечување од американските класични партнери од Европската унија според многумина експерти сигнализира нов светски поредок.

Ваквата можна средба помеѓу Трамп и Путин не е невозможа, но е секако неверојатна да се случи токму во Маврово. Причините за тоа се во огромен број, но сепак енигматичниот наслов проследен со прашалници беше доволно интригантен за да кликнете на оваа лажна вест.

Што ја прави оваа вест лажна? Секако фактот дека никаде во текстот не е потврдено она кое е поставено како прашање во насловот. А за таква средба (било во Маврово или каде и да е) се уште не станало збор. Веројатноста дека лидерите би се сретнале во некоја локација која ќе е посигурна за обезбедување и подостапна од Маврово е голема. Но тоа не нѐ спречи да ја објавиме оваа вест и да собереме кликови.

Зошто го направивме ова? Секако не за да ви го потрошиме времето залудно туку да Ве алармираме и едуцираме како полесно да можете и самите да препознаете лажна т.н. „кликбејт“ вест. Наредните неколку недели на нашата Facebook страница како и на сајтот zdravozagotovo.mk ќе можете да проследите серија од 4 едукативни видеа за тоа како да препознаете и како да се борите против најновиот глобален проблем – лажните вести или популарно наречените „фејк њуз“. Во очекување на првото видео погледнете ја најавата, следете нѐ на социјалните медиуми и не земајте Здраво За Готово.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари